Премиерот, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска одржаа работна средба со претставници на бизнис секторот од Струмица и струмичкиот регион.

Заев ги повика претставниците на компаниите од струмичкиот регион да аплицираат за финансиските средства определени за поддршка на нови инвестиции и раст на конкурентноста на домашните компании.

„Важно за целата деловна заедница е инфраструктурниот развој. Автопатот Скопје-Штип ќе биде пуштен до крајот на мај, а интензивно се работи и на експресниот пат Штип-Радовиш. Ќе има патни поврзувања преку Вељуса директно до автопатот. Се прават конечните разговори за гасоводно поврзување на општина Струмица со Петрич, Бугарија. Се реализираат 49 патни правци низ државата“, информираше Заев.

Премиерот рече дека како државна поддршка за развој на приватниот сектор за оваа година се определени 70 милиони евра по сите основи кои компаниите треба да ги искористат.