Премиерот Зоран Заев e оптимист дека земјава ќе добие позитивна одлука од Европскиот совет на 17 и 18 октомври и ќе биде определен датум за преговори, јави МИА.

– Останувам оптимист заради тоа што ги имаме сите аргументи на светот да добиеме позитивна одлука од Европскиот совет. Не сакам ни да размислувам дали ќе добиеме датум. Петнаесет години чекавме, донесовме крупни одлуки, реформи, договорите се 100 отсто извршени, навистина сме пример за целиот регион. ЕУ не смее да си дозволи да го казни најдобриот на европскиот континент затоа што тоа е важно за ЕУ, за регионот, за следно мотивирање на лидерите кои треба да наоѓат решенија и да ги реформираат своите општества. Мислам дека чекориме во вистински правец и дека со одлуките на ЕУ ќе се потврдат нашите очекувања, изјави Заев – одговорајќи на новинарски прашања по денешната конференција по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата.

Во однос на Франција, тој вели дека оваа земја не е против Северна Македонија, туку има сосема легитимна намера да се изготви нов методологија за прием.

– Тоа ќе даде можност сите капацитети да се движат уште посериозно и посилно со ревезрибилна метода – ако не успеат, да ги враќа назад. На пример ако третото поглавје е слобода на медиумите, ако успеете да го затворите во првата година или две, а преговорајќи во третата или четвртата ја нарушите слободата на медиумите, да ве враќа назад. Тоа значи дека земјите кои преговараат треба да имаат одржливи постигнати поглавја, заокружени политики, кои ќе значат трајни трансформации на општествата. Тоа е дебатата што се води. Таа може и натаму да се води и да се унапредува методолошки, а ние да ги отвориме поглавјата и да преговараме. Од тука ги црпам моите позитивни очекувања зашто едното со другото не се спротивставени и можат да бидат само комплементарни – истакна Заев.