fbpx

Заев: Еве ја програмата, граѓаните нека се вратат дома, а Иванов нека ја оцени

-

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја претстави новата програма на идната влада, која, како што рече, произлегува од предизборната програма „План за живот“ на СДСМ, но и на програмите на партиите за кои гласале мнозинството граѓани. Тој ги повика партиите – партнери во коалицијата да ја оценат, опозицијата да ја искоментира, претседателот Иванов да ја преиспита одлуката за мандатот, а граѓаните да се вратат во своите домови.

Програмата, како што изјави, се темели на Уставот, на потребите на граѓаните и обезбедува унитарност на државата и перспективи за развој.

– Во програмата се предвидува подобар живот, развој на економијата, враќање на демократијата и владеење на правото и на правдата, ефикасни институци, интеграции во НАТО и во ЕУ, подобар меѓународен углед. Македонија ќе биде држава за сите граѓани и ќе нема поделба на блиски и на неблиски до власта – изјави Заев.

Тој истакна дека за членство во ЕУ и во НАТО ќе се преземат итни реформи кои произлегуваат од Извештајот на Прибе, а потоа и од Договорот од Пржино.

– Ќе има поддршка на домашните претпријатија за да ги зголемат производството и извозот. Програмата предвидува фер даночен систем. Трошењето на буџетот ќе биде транспарентно, за трошењето на парите, граѓаните ќе имаат точни и навремени информации – додаде Заев.

За судскиот систем изјави дека ќе биде независен и ефикасен и партиите ќе се држат настрана од него. Програмата предвидува формирање на специјално одделение во Основниот суд Скопје 1, кое ќе ги проследува предметите на СЈО, при што, како што рече, ќе се овозможи заокружување на случаите што ги води СЈО.

Реформи, како што изјави Заев, се предвидени и во МРТВ како национален сервис на граѓаните, и за обезбедување на независноста на медиумите.

Во однос на законот за унапредување на јазиците, истакна дека на сите граѓани ќе им биде овозможено полесно да комуницираат со институциите и во секојдневието.

– Унапредувањето на законот за јазици е исклучиво според Уставот и прифатливо за партиите што обезбедија 67 потписи за формирање влада. Ќе се прошири употребата на албанскиот јазик во рамките на амандманот 5 од законот за јазици во Уставот. Некои општини се тројазични или четиријазични, така што и на тие граѓани ќе им се овозможи комуникација на нивниот јазик, но ќе го заштитиме македонскиот јазик и кирилското писмо – објасни Заев.

Тој додаде дека е лага дека сите ќе мора да учат некој јазик, а тие што нема да го сторат тоа, ќе бидат казнети.

– Казненени одредби од законот за употреба на јазиците постојат и сега, но институциите не го почитуваат, односно не обезбедуваат негова примена. За тоа ќе постојат казни – рече Заев.

За вработените во јавната администрација рече дека ќе работат слободно, а ќе се објави и бројката на непраспределени административци, кои сега седат дома и земаат плата. За нив, како што рече, ќе бидат најдени работни места.

Тој најави и расветлување на случаите во Куманово, Сопот, Бродец, убиствата на Мартин Нешковски и на Никола Младенов.

Заев ги повика партиите со кои ја направиле коалицијата да ја поддржат програмата, а опозицијата да ја разгледа и да ја оцени. Тој ги повика и граѓаните „да се вратат од улиците во своите домови, оти нивниот глас е слушнат, а новата програма е базирана исклучиво врз Уставот“.

Заев го повика претседателот Ѓорге Иванов да констатира дека има програма која е од интерес на граѓаните и ја гарантира унитарноста на дражавата, за да се формира влада и да се излезе од политичката криза.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...