Фото: Влада

Буџетските приходи се повисоки во однос на преткризниот период, 4,4 проценти е растот на вкупните приходи, пет проценти е растот на даноците и придонесите, истакна премиерот Зоран Заев. Според него, вториот пакет економски мерки е имплементиран 100 проценти, а севкупна имплементација од четирите пакет мерки изнесува 82 проценти или 860 милиони евра. Тој смета дека економските мерки го подобрија економскиот резултат за 4,2 процентни поени.

На прес-конференцијата на која покрај премиерот, присуствуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на Развојната банка, Кире Наумов.

Заев истакна дека сите пакети на антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија.

Премиерот соопшти дека првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1 проценти, вториот пакет мерки е 100 проценти имплементиран, третиот пакет 75,4 проценти и четвртиот пакет 72,7 проценти.

„Мора да се нагласи дека некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така што вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми, па дури може да достигне и до 99 проценти имплементација“, рече Заев.

Според него, гледано по компоненти на БДП, доколку не биле преземени мерките како субвенции за плати, придонеси од плати, платежни картички, падот на приватната потрошувачка би бил речиси двојно поголем, односно -11,8 отсто, наместо -5,6 отсто колку што изнесува според објавените податоци на Државниот завод за статистика.

Заев додаде дека во рамките на четирите пакети кои се предмет на анализа, донесени се околу 70 различни мерки, со кои се опфатени и поддржани компаниите и граѓаните погодени од пандемијата.

„Од вкупно 70 усвоени мерки во рамки на сите 4 пакети, во тек е имплементацијата на 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека имплементацијата на 7 мерки во вредност од 150 милиони евра се во собраниска процедура и јас се надевам дека пратениците бргу ќе дадат зелено светло и на овие мерки“, потенцираше Заев.

Според премиерот, има позитивни сигнали дека економијата заздравува, а за тоа се потврда позитивните тековни економски движења и тоа високиот раст на извозот, растот на трговијата, зголемениот број во кредитирањето и растот на просечната плата.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими истакна дека од почетокот на годинава даночните приходи и придонесите се повисоки за 5 отсто во однос на истиот период лани – што е преткризен период, каде нема импакт од ковид-кризата, при што даноците се наплатени во износ од 27,758 милијарди денари и се за 6,2 проценти повисоки во однос на истиот период лани.

„Растот на даночните приходи е по скоро сите видови даноци, така ДДВ е повисоко за дури 11,4 проценти во однос на првото тримесечје лани, данокот на добивка е на ниво повисоко за 5 проценти, увозните давачки се повисоки за 10,4 проценти, персоналниот данок на доход е на скоро исто ниво како и лани, со раст од 0,8 проценти. Придонесите се на повисоко ниво во однос на истото тримесечје лани за 3,3 проценти“, посочи Бесими.