Двете најголеми партии на Албанците во Македонија се слуги на власта и работат во интерес на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, изјави синоќа Зоран Заев, претседателот на СДСМ, во интервју за албанската телевизија„Топ ченел“, пренесе порталот „МКД.мк“.
Во емисијата „Шќип“ на Ридина Џунга, Заев рече дека ДУИ и ДПА се слуги на актуелната власт, која „целосно ги контролира албанските политички партии во Македонија“. Заев изјави дека има снимки од разговори на прислушувани раководители на политички партии и на министри Албанци во Македонија, но и од Албанија.
„Тој материјал нема да го објавиме бидејќи тоа не е етички за министрите на другите земји“, рече Заев и најави дека допрва ќе објавува снимки за злоупотреби на државниот буџет и за криминални дејства.
„Во процесот што го почнавме, ќе објавиме и материјали поврзани со криминал и со нелегални работи на албанските партии, кои ќе го откријат вистинското лице на двете партии и нивното однесување. Сите материјали што содржат нелегални работи ќе бидат објавени и нема да поштедиме никого. За разлика од македонската опозиција, кога станува збор за албанската партија на Мендух Тачи, можам да кажам дека таа е целосно поврзана со власта и ова граѓаните ќе го видат. Нелогично е ДУИ, која го раководи Министерството за правда, да побара следење на судскиот систем однадвор. Не само за случајот „Пуч“, тие го бараа тоа и за случајот „Монструм“. Се чини дека биле принудени да го сторат тоа зашто министерот за правда нема никаква контрола што му е загарантирана со закон, поради контролата на Груевски и на неговиот братучед, кој ја раководи тајната полиција“, рече Заев.
Според Заев, прислушуваните разговори на некои владини претставници откриваат злосторства извршени врз оние што не се со власта, како и врз нивните семејства.
„Едно нешто сум сигурен: оваа Влада ќе си оди и само прашање на време е кога ќе се случи тоа“, изјавил Заев.