fbpx

Заев: ДУИ функционирала како ВМРО-ДПМНЕ – за моќ, власт и за пари

-

На денешната прес-конференција, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објави нови прислушувани материјали, овојпат посветени на улогата на ДУИ.

– Сето тоа што го правел Никола Груевски, не можел да го стори без ДУИ. Функционерите на ДУИ се плашеле од прислушување и биле многу внимателни, но, сепак, денеска ќе докажеме дека примарна цел не им биле граѓаните, туку моќ – изјави Заев.

Во првиот разговор што беше објавен на денешната прес-конференција, Бекир Асани и Али Ахмети зборуваат за купување на некое земјиште. Ахмети бара „да се извадат 1.000 евра за метар квадратен“.

Во вториот разговор, зборуваат Ахмети и Груевски. Груевски му кажува дека има мака и го потсетува на договорот да нема дивоградби. Потоа му објаснува дека во Чаир имало две неизградени згради кои требало да бидат урнати, но имал отпор од „неговите“. Од ДУИ се јавувале кај министерот за транспорт и реагирале за да не им падне рејтингот на ДУИ. Груевски му вели на Ахмети дека се плаши да не дојде до некои инциденти. Ахмети му кажува дека разговарал и со Муса Џафери, кој барал да не се дејствува (да не се урива) пред Нова Година. Ахмети вели дека нема да се изгуби ништо политички, туку ќе добие. Ахмети на инсистирање на Груевски кажува дека е против дивоградбите.

Гордана Јанкулоска зборува со соговорник и вели дека „индијанците“ од Чаир имале некој објект кој е за уривање. Таа вели дека тие се „племе“ и дека ако им се урне објект, може да предизвикаат проблеми. Јанкулоска вели да не се урива објектот и дека тоа треба да се стори по Нова Година.

Заев рече дека и до ден-денешен објектот за кој се зборува во снимките не е урнат. Претседателот на СДСМ покажа документ од транскрипт од разговор помеѓу Ахмети и Асани. Тие зборуваат за 100.000 евра кои треба да му се дадат на некој човек од Чаир, а тој бил поврзан со директорот Сашо Мијалков од УБК.

На друга аудиоснимка од тие што денеска ги обелодени лидерот на СДСМ, Артан Груби зборува со Али Ахмети за документацијата за некоја фирма од Турција, која треба да биде во економската зона во Тетово. Ахмети вели дека не е важно која фирма, само да се реализира. Груби му кажува дека мора да се инвестира во зоната во Тетово затоа што новинарот Мухамед Зекири од „Алсат“ им велел дека зоната пропаднала. Ахмети и Груби разговараат за тоа дали фирмата е норвешка или турска. Ахмети му вели дека не е битно каква е туку само дека треба да се заврши работата.

Во следниот разговор Груби му кажува дека фирмата од Норвешка испаднала од тендерската трка и дека Турците добиле. Му кажува дека фирмата од Норвешка немала доволно документи.

Заев, по разговорот, објави дека иако ѝ недостигале документи, токму фирмата од Норвешка почнала да гради во зоната во Тетово.

Муса Џафери и Али Ахмети зборуваат за тоа како функционира владата. Зборуваат за некој миистер кој, како што велат, е премногу оптоварен. Ахмети му кажува дека не сака да ги понижуваат. Зборуваат за ресорите и за тоа дали се задоволни од нив. Ахмети вели дека треба да реализира програмата и дека ако тоа се стори, ќе биде добро. Зборуваат дека добиле лоши министерства. Ахмети му вели дека се излажале со Министерството за одбрана што го зеле. Зборуваат и за тоа дека го сакале Министерството за правда, ама кога го зеле, почнале да велат дека не чини. Ахмети му вели дека „Бреза сако едно добро место“. Зборуваат за директорските места и за новната рспределба.

Тахир Хани зборува со Али Ахмети за Миле Јанакиески. Хани му вели дека Јанакиески не води сметка за правичната застапеност. Тој му вели дека може да сметаат на само 15 милиони денари од буџетот. Исто така, му кажува дека проектот Тетово – Призрен е сосема исклучен од програмата. Хани му кажува дека тој проект за патот е одбиен за само три милиони евра.

Џевад Адеми со Али Ахмети зборуваат за ангажирање проректори и професори на Универзитетот во Тетово. Адеми му кажува дека незаконски се местеле професори, а избркале и некоја сопруга на нивни функционер. Му вели дека тие сакаат да го исчистат ДУТ од ДУИ.

Артан Груби со Ахмети зборува за Бујар Османи затоа што му се заканувале во општина Чаир поради амбициите за локалните избори. Груби му кажува дека на неговите пријатели му испраќале инспекции од УЈП.

Џафери зборува со Бесими за патот во Америка, каде се сретнал со Борис Тадиќ.

Џафери и Ахмети зборуваат за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Џафери му вели дека Мерко е „мајмун“ затоа што не го свикал советот.

Заев рече дека ќе објавува и други материјали за ДУИ, сè додека не се создаде влада која ќе подготви фер и демократски избори.

За протестот на „Беса“ рече дека го поддржува како и секој протест што е против оваа власт.

Заев рече дека разговорите што се водат помеѓу лидерите треба да се водат по принципи.

– Да има избори по кои сите ќе си честитаме. Затоа треба да се работи со принципи. Мора да се вратат демократските вредности во институциите, за да има слободна волја за изборите. Мора да се прочисти Избирачкиот список за сите да му веруваме. Треба да се зборува за изборните единици… Сето ова што го аргуметнираме е поврзано со датуми. Ако ова биде јасно прецизирано и има гаранции за тоа, може да се постигне договор. Сега е моментот да ги направиме чекорите во корист на Република Македонија – изјави Заев.

Тој рече дека дал рок од 10 дена за да се дојде до решение, а подоцна ќе ги искористат сите демократски механизми за да се реши состојбата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...