Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Росана Дуџиак, постојана координаторка на ОН во државата.

На средбата, двајцата соговорници меѓудругото разговарале и за „мерките што ги утврдила и преземала Владата за заштитата на Охридското езеро и на Oхридскиот регион, преку стопирањето големи градежни работи, легализации исклучиво според закон, за новиот урбанистички план за Охрид и планираниот нов закон за Охридското езеро.“

„Премиерот Заев ја соопшти определеноста да продолжи соработката со ОН, посебно во делот на заштитата на животната средина, преку низата отпочнати проекти во земјава. Изразена е подготвеност од страна на ОН за дополнителна поддршка на Владата во планот за заштита на Охридското езеро, имајќи предвид дека ОН веќе помагаат на намалувањето на загадувањето на Охридското езеро, кое што доаѓа од наносите од реката Сатеска во езерото, преку постојан мониторинг на најважните видови и живеалишта во Националниот парк Галичица“, се вели во соопштението на Влада.