Премиерите на СМакедонија и Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев, одржаа заедничка прес-конференција по нивната средба во Владата на Бугарија на 17 јуни 2021. Фото: Сашо Спасоски

Владината делегација од Северна Македонија во Софија дојде со конкретен предлог, кој внимателно ќе го разгледаме, соопшти техничкиот премиер на Бугарија Стефан Јанев на заедничката прес конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Владата на Бугарија. Заев, пак, порача дека Северна Македонија нема никаква друга алтернатива освен европскиот пат и порача дека предано ќе се работи на таа цел заради подобра иднина и на Северна Македонија и на Бугарија.

Двајцата премиери имаа средба во четири очи попладнево, по што се приклучиле и двете владини делегации. Но, двајцата премиери повторно ќе разговараат и вечерва за можностите за надминување на спорот меѓу двете земји, на заедничката вечера што ќе ја имаат, а и заеднички ќе го гледаат фудбалскиот натпревар со Украина.

Бугарскиот премиер Јанев на прес конференцијата што ја следеа навистина голем број новинари од Бугарија и С. Македонија порача дека Бугарија останува цврсто на својата определба за поддршка на европската интеграција

„Се согласивме дека сега имаме еден прозорец да создадеме средина на доверба, пријателство, на отворен разговор заеднички дијалог што ќе овозможи на експертите да седнат и да најдат соодветно решение и политичките раководства на двете држави да донесат правилно решение за да се движиме напред. Делегацијата на г-дин Заев дојде со конкретен предлог, којшто, се разбира ќе го разгледуваме интензивно и опсежно уште денеска и во следните денови. Се надевам на атмосфера на доверба, на взаемно сфаќање и почитување на националните интереси да продолжи во интерес на барање решение, зашто европската перспектива на Република Северна Македонија и на Западен Балкан како целот се во интерес и на Бугарија и на целиот регион и на ЕУ. Но, сето тоа треба да биде во рамките на правилата, во рамките на дијалогот, за да не оставиме нерешени проблеми во европското семејство“, порача бугарскиот премиер.

Премиерот Заев пак рече дека овој спор е пред сè билатерален и решението треба да се бара во дијалог на двете страни.

„Денеска седнавме и разговаравме за билатерален проблем и имаме пријатели насекаде, и двете земји, но проблемот е билатерален и тоа претставува наша обврска, зашто ако сме одговорни политичари и лидери на нашите народи, тоа е наша обврска да работиме на пронаоѓање на решение“, порача македонскиот премиер.

Тој е убеден дека двете земји ќе изнајдат решение и нагласи дека на средбите се разговарало и за предлогот на Португалското претседателство. Заев порача дека и двата народи треба да дадат шанса на добрососедството, на соработката и пријателството, како инвестиција за подобра иднина не само на С. Македонија и Бугарија, туку и на ЕУ.

„Разговаравме за суштината и структурата на можното решение на проблемот преку патоказот, патната карта, секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, како и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија. Го искоментиравме и португалскиот предлог. Бугарија е членка на ЕУ и во рамки на Унијата разговара за деловите кои се однесуваат на ЕУ. Наше е да разговараме за делот на билатералните прашања кои навистина не се невозможни да бидат решени. Верувам дека постои можност да изнајдеме решение. Според мене,  имаме исчекор напред зашто седиме заедно, работиме заедно, разговараме за решение кое, уште еднаш кажуваме, мора да е билатерално“, потенцира Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека Северна Македонија ќе го смени Уставот за да ги вклучи и Бугарите, но и Хрватите, и сите други неспомнати народи, кога тоа ќе треба да се направи во рамките на поглавјата на преговорите.

Заев по средбата со техничкиот премиер на Бугарија замина на прием кај бугарскиот претседател Румен Радев, а вечерва, како што навести, на непланираната заедничка вечера, разговорите ќе продолжат со цел креирање атмосфера за доаѓање до решение и обезбедување подобра иднина за двата народи, а посебно за младите.

Посетата на Софија се случува една недела пред состанокот на Советот за општи работи на 22 јуни и пред Самитот на ЕУ на 24 и 25 јуни.