fbpx

Заев: До 1 јули ќе биде готов „Патоказот“ што ќе нè одведе до преговори за членство во ЕУ

-

Владата работи на акциски план наречен „Патоказ“, што треба да се финализира до 1 јули, а во кој се опфатени сите предвидени реформи во клучните области како владеењето на правото, професионални државни институции, независни регулаторни тела и слободни медиуми. Ова го истакна премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика Јоханес Хан по седницата на Владата посветена на реформските приоритети на која учествуваше и Хан.

– Дефиниравме краткорочни, среднорочни и долгорочни реформски цели со кои имаме намера наесен Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на претпристапните преговори, а во текот на следната година земјите членки на Еврппската Унија да ги фокусираме на дискусија за утврдување датум за почеток на претпристапните преговори на ЕУ со Република Македонија – рече Заев.

Премиерот истакна дека реформскиот процес Владата ќе го води инклузивно и ја повика парламентарната опозиција да се вклучи во овој процес.

– Овој чекор очекувам дека ќе биде мотивација за сите граѓани, експерти, за граѓанското општество, опозицијата. Прифатете ја подадената рака на Владата и заедно сите да се вложиме во реформскиот процес. Ние како Влада покажавме зрелост, очекуваме одговорност од сите, затоа што целта ни е заедничка – позитивни промени и членство на Македонија во ЕУ и во НАТО – истакна премиерот Заев.

Еврокомесарот Хан на прес-конференцијата рече дека неговата порака до сите денеска е да се концентрираат на задачите што претстојат.

– Сите одговорни актери, тука ја вклучувам и опозицијата и судството и сите релевантни институции, треба да работат на создавање модерно општество кое добро ќе функционира, држава која ќе работи во интерес на сите граѓани без оглед на нивната припадност. Ова попладне ќе се сретнам со лидерите на сите политички партии кои се застапени во Собранието. Се надевам дека сите ќе одиграат конструктивна и позитивна улога и дека за разлика од минатото, овојпат ќе имаме дебата што ќе се води во рамките на институциите, односно во рамките на Собранието – рече Хан, додавајќи дека ја поздравува подготвеноста на Владата да работи заедно со опозицијата на прашањата поврзани со интеграцијата на земјата во ЕУ.

Хан посочи дека од утре ќе почнат да пристигнуваат првите експeрти кои ќе ѝ помагаат на Владата со реформите, меѓу кои е и германскиот експерт Рајнхард Прибе. Тој нагласи дека реформите не треба да се спроведат само за да се задоволат високи официјални претставници на ЕУ, туку за да се подобрат условите за живот на граѓаните и ги пофали позитивните чекори кои, како што рече, ги направиле премиерот Заев и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, со нивните колеги во Бугарија и во Грција, бидејќи од суштинска важност е да се воспостават добрососедските односи.

Прашан околу проблемот за името со Грција, Заев рече дека оти е убеден дека постои решение за сè и дека „голем дел од работите зависат од нас, но овде ни е потреба и помошта и поддршката на соседите“.

– Верувам дека постои решение да се одблокираат процесите, а при тоа интензивно да се фокусираме да изнајдеме решение и на ваков сериозен проблем. Амбиентот мора да биде создаден во двете земји. Јас барам поддршка од граѓаните, владата и од парламентот на Грција, Македонија конечно да може да го направи исчекорот кој го чекаме од 2005 година во поглед на интеграциите во ЕУ и во НАТО – рече Заев.

Хан во врска со прашањето за името рече дека тоа е прашање на кое треба да работат двете земји, додавајќи дека позитивната препорака од Комисијата е тесно поврзана со напредокот што ќе се постигне во спроведувањето на реформските приоротети.

Одговарајќи на новинарско прашање за унапрадувањето на Законот за употреба на јазициите, Заев рече дека тоа е дел од приоритетите кои се составен дел на оваа агенда.

– Тоа е едно од важните прашања, со кои сакаме да ги затвориме поглавјата што произлегуваат од Рамковниот договор. Штом ќе биде сè подготвено, ова прашање ќе биде отворено за дебата, да се дискутира и да бидат донесени одлуки. Ја повикувам и сегашната опозиција, која најави позитивен однос кон граѓаните од албанско етничко потекло, конечно сите да донесеме заедничка консензуална одлука и по ова прашање. Впрочем, претходната влада двапати направи унапредување на законот за употреба на јазициите – рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...