Фото: Natalya Letunova on Unsplash

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се во официјална посета на Бугарија, и во Софија ќе разговараат со бугарскиот претседател Румен Радев, со техничкиот премиер Стефан Јанев, но и со претставници на поголемите политички партии во Бугарија, која за неполн месец ќе одржи парламентарни избори. Посетата доаѓа пред Советите на ЕУ, но според тоа што вчера го кажаа и Заев и бугарскиот премиер Јанев, очекувањата за некаков сериозен исчекор во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија во денешните средби се минимални.

Најпрвин вчера македонскиот премиер порача дека не е реално да се очекува некаков сериозен исчекор, бидејќи Бугарија нема ни парламент, ни влада со целосен мандат, а попладнето од Софија задуваа студени ветришта, откако бугарското МНР се огласи со соопштение дека бугарската позиција во спорот останува цврста и непроменета, а само малку подоцна истото го кажа и техничкиот премиер Јанев.

Заев, кој за една седмица вторпат денеска ќе се сретне со бугарскиот претседател Радев, вчера рече дека за идентитетот и за јазикот нема да се разговара, како и дека не е реално да се очекува некаков напредок. Сепак, се пофали со сработеното од работните групи.

„За македонскиот јазик и идентитет не разговараме и воопшто не е на маса. Разговараме за португалскиот предлог, којшто доаѓа од Португалија како претседавач со Европскиот совет што апсолутно води грижа за нашиот македонски јазик и македонски идентитет и истовремено води грижа и за бугарските позиции“, рече Заев.

Тој додаде дека работните групи имаат соодветно постигнување на патната карта на која што е утврдена секторската соработка на сите нивоа.

„Тоа се сериозни успеси коишто досега се постигнати. И јас верувам дека треба да им дадеме шанса на конечно изнаоѓање на решение“, рече Заев.

Премиерот порача дека не сака на народот да му ги зголемува очекувањата за тоа што е реално.

„Во Бугарија нема ниту Парламент, ниту има политичка влада. Фала богу има желба за разговор и затоа ќе ја искористиме таа желба за разговори од страна на бугарската влада и ние ќе ја направиме утре посетата Бугарија каде што ќе се видиме и со лидершипот на повеќе политички партии, најголемите… Се надевам тие ќе го прифатат тоа, а ќе се видиме со премиерот и со претседателот на државата и сите важни носители на одговорните функции“, рече Заев.

Од Софија, пак, вчера попладнето стигна предупредување дека во официјалниот бугарски став ништо не е сменето. Како што соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, Владата на Бугарија ја потврдила државната позиција за учество на заседанието на Советот за општи работи кое ќе се одржи на 22 јуни и нејзиниот став не е променет.

„Во делот на политиката за проширување на Европската унија и европската перпсектива на Република Северна Македонија во прифатената од владата позиција се посочува дека Бугарија се придржува до Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година и до Рамковната позиција за европската перспектива на Република Северна Македонија прифатена од Владата на 9 октомври 2019 година и позицијата на Бугарија за преговарачката рамка и одржувањето на Првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Преговарачката рамка за присоединувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ треба да ги содржи неопходните гаранции во однос на исполнувањето на Договорот од 2017 година кои во моментов не ги гледаме. Не се исполнети барањата за одржување на Меѓувадината конференција“, стои во објавата на бугарското министерство за надворешни работи.

Малку подоцна попладнето, во интервју за БНТ и бугарскиот премиер потврди дека не се дава поддршка на сегашната преговарачка рамка со Република Северна Македонија.

„Не мислам дека Бугарија е во ситуација да отстапи или да прави компромиси со позицијата. Не само службената влада, но и парламентот со декларацијата од 2019 година даде јасни насоки каква е бугарската национална позиција“, рече Јанев.