Фото: СДСМ

Премиерот Зоран Заев во денешното гостување во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77 рече дека е извесно дека до крајот на годината Македонија нема да ги почне преговорите со ЕУ.

„Имаме уште малку време и простор, меѓутоа извесно е дека Бугарија месецов пак ќе стави вето. Мислам дека треба да почекаме да им поминат изборите во март, да размислуваат со трезвена глава. Да го немаат тој притисок од избори. На пролет да се решава прашањето“, смета Заев.

Тој најави свикување лидерска средба откако ќе разврши ова поглавје од преговорите со Бугарија, оти претходно немало потреба.

„Веднаш штом завршат преговорите со Бугарија, ова поглавје на разговори, успешно или неуспешно, јас ќе свикам лидерска средба. Никаде во Европа не се прават лидерски средби во ек на разговори“, рече Заев.

Премиерот Заев во денешното гостување на Радио Канал 77 зборуваше и за интервјуто за бугарската агенција БГНЕС. Вели дека не се кае за тоа што го кажал и напоменува дека интервјуто било наменето за бугарската јавност.

„Да зборувам отворено: интервјуто беше дадено за да работи позитивно во Бугарија. И Борисов е многу често критикуван дома затоа што отворено зборува за македонски народ и јазик“, вели Заев.