Зоран Заев како претседател на СДСМ и Љупчо Николовски, генерален секретар на партијата | Фото: Арбнора Мемети

По средбата со Али Ахмети, претседателот на ДУИ, вчера, во која се договараше составот за нова влада, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече оти не се согласува со барањата за разрешување на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ), која донесе одлука да се покачи цената на струјата.

– Јас ги видов сите аргументи и образложенија на РКЕ и мислам дека македонскиот парламент не треба да ги разрешува – порача тој.

Претседателот на СДСМ нагласи дека РКЕВУ е независно регулаторно тело, кое ги анализира предлозите од производителите, преносителите и директните снабдувачи со струја. Во случајов, според Заев, на одлуката влијаела и епидемијата на корона вирусот.

– РКЕ е независно регулаторно тело и одлуките ги носи на аргументации на цена на производителот на струја (ЕСМ), преносениот систем (МЕПСО) и ЕВН. Во делот на новата одлука, цената на учеството на ЕВН во цената на струјата е намалено за 1,10 отсто, зголемена е струјата на барање на ЕСМ и МЕПСО, кое бараше 80 проценти зголемување. Тоа се должи на последиците од коронакризата и неповолната состојба со хидро акумулациите. Некои сметаат дека вработени се причина за цената. Но тие луѓе работат таму во производство и пренос – вели лидерот на СДСМ.

Заев рече и дека во земјава цените на струјата се едни од најевтините во регионот.

– Ако направите споредба на цената на струјата со просечните плати во државата, исто така ќе видите дека во споредба со сите други земји ние сме пак на најниско ниво – порача тој.