Фото: Арбнора Мемети

Премиерот Зоран Заев по излегувањето од судницата претпладнево, каде сведочеше во процесот „Титаник“, негираше дека постои политички договор и побара одговорност за недостапноста на Сашо Мијалков токму пред пресудата за предметот „Таргет – Тврдина“.

„Изречено е решение од суд за домашен притвор некаде 18-18:30, МВР веднаш постапило и лицето не е затечено во домот или на двете локации на кои што е барано. Очекувам да се пронајде лицето и да се спроведе судското решение, т.е. господинот Мијалков да биде ставен во домашен притвор како што го очекува тоа целиот наш народ“, рече премерот.

Тој негираше дека постои политички договор со поранешниот шеф на УБК.

„Јас сум среќен што како извршна власт сме обезбедиле услови во време после режим, после пљачкање на државата, со сите бесни пари, со сите влијанија и моќ, да се организира правен процес кој што еве финишира“, рече Заев говорејќи за предметот „Таргет – Тврдина“ во кој еден од главните обвинети за незаконско прислушување на десетици илјади граѓани е токму Сашо Мијалков.

Заев додаде дека во овој процес се очекува казна за обвинетите и веројатно тоа е причината што Мијалков не бил пронајден.

„Немојте да очекувате од мене да давам коментари или да правам јавна истрага пред микрофоните и пред камерите. Јас уште еднаш потенцирам најодговорно и најстрого према сите институции, заради тоа што ќе очекувам одговорност за ваквиот случај таму каде што затаило спроведувањето на самиот закон. Нема политички договор, среќен сум дека сме обезбедиле услови, таму каде затаило спроведувањето на законот до крај да се испочитува владеење на правото. Очекувам разрешница и да биде лоциран и ставен во домашен притвор“, рече Заев.