Премиерот Зоран Заев вчера беше во работна посета на Република Австрија каде што се сретна со австрискиот канцелар Себастијан Курц, а беше и негов почесен гостин на Виенскиот бал.

„Австрија важи за една од нашите најголеми поддржувачи. Веќе добивме една конкретна понуда која што дома ќе ја разгледаме, за австриска компанија и нејзин влез во инвестициите на Клиничкиот центар, преку евтино финансирање од страна на Австрија, со дополнителен грант, кој што ќе ги намали севкупните трошоци за инвестирање во самиот Клинички центар.Деталите ќе ги добиеме на писмено и дома ќе ги разгледаме за да може да се исконсултираме со опозицијата, со стручните луѓе, со експертите. Верувам дека тоа ќе даде можност за брза постапка за самата реализација на Клиничкиот центар“, изјави Заев.

На средбата со Курц било разговарано за Чебрен и Галиште, и за можности да се спојат големи енергетски компании од Австрија како потенцијални партнери во изведбата на овој грандиозен проект којшто е проектиран на околу 800 милиони евра.