Премиерот Зоран Заев ќе има разбирање доколку вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев се повлече од политиката. Според Заев, тој е сопственик на големи фирми кои вработуваат над 1.000 лица и ќе имам разбирање ако сака да се посвети на нив, но во истовреме, рече премиерот тој е потребен и на државата за успешно завршување на започнатите проекти.

„Анѓушев е повикан да биде дел од владата како претставник на коморите за овој мандат. Дружејќи се со него видов дека добивката му е намалена за 50 отсто и тој е неопходен таму. Ќе разговараме и со него секако ако граѓаните ни ја дадат честа и правото за нова влада на претстојните избори“, одговори Заев на новинарско прашање.

Анѓушев синоќа во „Топ тема“ на телевизија „Телма“ најави повлекување од политиката независно од исходот на изборите.

„Кога прифатив да бидам дел од Владата моите намери беа најчесни, со знаењето што го имав стекнато да и помогнам на државата. Но, за овој период приходите во моите компании опаднаа, а и профитите, некаде и до 50 отсто.Тоа не е само заради неучеството на тендерите, туку и заради моето отсуство. Ќе си го доработам мандатот, но бидејќи не сум член на ниедна партија, нема да продолжам со политиката во перспектива“, рече Анѓушев.