Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев потврди дека за министер за финансии ќе ја предложи Нина Ангеловска, коосновач и директор на „Групер“.

„Нина Ангеловска, е еден од оснивачите на „Групер.мк“, добитник на награда на „Форбс“, која е на 30 години, млад човек кој е и доктор на науки од УКИМ. Верувам во нејзиното осумгодишно искуство да биде оснивач, да направи едена вакава преспективна компанија во модерните технологии којашто дефинитивно е препознаена не само дома, туку во целиот регион и пошироко, ја испраќа пораката дека навистина вреди да се заземете дома, а не надвор од Македонија“, рече Заев.

Тој додаде дека до Собранието ќе достави нов предлог за нов заменик-министер за образование и наука, Елизабета Наумовска, ќе достави предлог за разрешување на заменик-министерот за економија Кире Наумов, којшто ќе биде директор на Македонската Банка за поддршка и развој и на негово место за заменик министер за економија да дојде Кире Колемишевски.

Заев за заменик-министер на новото министерство за политички систем и односи со заедниците ќе го предложи Неџат Мехмедовиќ.

Тој рече дека сака да испрати порака дека се добива шанса за бошњачката заедница преку учество на позицијата заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Централниот одбор избра и пет потпретседатели на СДСМ, Мила Царовска, актуелен министер за труд и социјална политика, Коста Петров, Оливер Спасовски, актуелен министер за внатрешни работи, Мухамед Зеќири, актуелен пратеник во Собранието на РСМ, Дамјан Манчевски, актуелен министер за информатичко општество и администрација.

„Преку Коста Петров, којшто е нов меѓу нашите редови, човек докажан со сериозно образование, исто така ја испраќаме пораката дека е еден од примерите како може да се засукаат ракавите, да се направат напори да се успее во нашата земја. Ја даваме шансата да се вгради во највисоките политички структури и со своето искуство, да помогне во делот и на менаџментот и на маркетингот, да го помогне СДСМ“, рече Заев.