Заедничките историски читанки со нов дигитален дом

Фото: Европски фонд за Западен Балкан

На иницијатива на Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ), е создадена веб-страницата www.jointhistory.net, на која повторно на јавноста ѝ стануваат достапни заедничките историски книги на 13 земји од Југоисточна Европа.

Станува збор за уникатна збирка на историски извори создадена во периодот од 1998 до 2016 година од страна на повеќе од 100 историчари и 300 наставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија и Турција. Овие книги на 9 јазици може бесплатно да се преземаат.

Нивната главна цел е да покажат дека секоја приказна има повеќе гледишта, поддржувајќи го критичкото размислување и развивајќи разбирање за тоа како се создава историјата. Ништо не е табу во Заедничките учебници по историја – тие вклучуваат сé, од политичкото лице на диктатурата и репресијата до кризите во 70-тите и 80-тите, и распадот на Југославија.

„Овие книги беа централна програма на Центарот за демократија и помирување на Југоисточна Европа (ЦДРСЕЕ), регионална невладина организација со седиште во Солун, која настојуваше да поттикне демократски, плуралистички и мирољубиви општества во Југоисточна Европа. Заедничките историски книги претставуваа нова ера на преиспитување на историјата, преиспитување на товарот на предрасудите, недостатокот на емпатија и разбирање. Правејќи ги одново достапни, се надевам дека министерствата повторно ќе го изразат својот интерес и ќе препорачаат нивно користење во училиштата“, вели Звездана Ковач, поранешен извршен директор на ЦДРСЕЕ.