Железничкиот сообраќај меѓу Македонија и Србија во наредните години ќе биде во уште поподредена состојба во споредба со патниот превоз. За разлика од воведувањето на заедничка гранична контрола во патниот превоз на крајот од овој месец, транспортот на патници и стока со воз ќе почека на заеднички граничен железнички премин дури до 2023 година.

Спогодбата за воведување на заеднички гранични контроли во железничкиот сообраќај меѓу македонската и српската влада беше потпишана во 2015 година, но до денешен ден не е реализирана. Од Министерството за транспорт и врски за „Мета“ велат дека неопходноста од изградба на нова зграда кај железничката станица во Табановце ја кочи реализацијата на проектот за заеднички граничен железнички премин меѓу Македонија и Србија.

На последниот Самит за Западен Балкан во полскиот град Познањ, кој се одржа на почетокот од јули годинава, двете соседни земји добија грант од ЕУ во висина од 2,8 милиони евра за изградба на заедничкиот граничен железнички премин кај Табановце. Сепак, за целосна реализација на проектот се неопходни 5.136.000 евра, а остатокот на финансии ќе се надоместува со средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

– Во 2021 година се очекува склучување на договор за инвестициски грант со ЕБОР, по што ќе следи и распишување на тендер за избор на изведувач и тендер за избор на куќа која ќе врши надзор над градбата. Изградбата се планира да биде 18 месеци по склучување на договор за изведба – посочуваат од Министерството за транспорт и врски.

Апликацијата за инвестициски грант од ЕБОР е поднесена во ноември 2018 година и во моментов се чека на одобрување на инвестицијата. Во меѓувреме, товарните и патничките возови што ја минуваат границата меѓу Македонија и Србија ќе продолжат да стојат на две места. За граничната полиција, царината, инспекциските служби и железничките работници на двете земји нема соодветен простор за сместување во железничката станица Табановце, што не е случај со веќе изградените гранични објекти во патниот сообраќај на преминот Табановце – Прешево.