fbpx

Заедничката бугарско-македонска комисија го заврши дводневниот состанок без резултати

-

Пропадна уште еден обид македонските и бугарските историчари да се приближат во ставовите и да постигнат договор околу клучните прашања, околу кои се спори со месеци. Членовите на Комисијата се судрија околу придавката „македонски“, но и околу цар Самоил, па недоразбирањата ескалираа до тој степен, што и македонските и бугарските историчари одбиваат да ги потпишат записниците за состаноците, пишува „Дојче Веле“.

Не само што не се постигнати нови заклучоци по дводневното заседавање на заедничката Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, туку историчарите обелодемија дека заглавиле на една техничка и на една суштинска точка. Копретседавачите на Комисијата, Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев на прес-конференција информираа дека не е постигнат никаков напредок. Македонската страна одбила да ги потпише и записниците од претходните два состаноци, бидејќи бугарските колеги одбивале да се користи придавката – македонски.

„Резултатот од 11. средба е нула. Немаме направено ниту минијатурен чекор. Една од причините за тоа, иако изгледа техничка, сепак е политичка. Од 9-та средба наваму нашите колеги од македонската страна одбиваат да ги потпишат записниците. Тие настојуваа насекаде да се стави ‘македонски’, а тоа не е во согласност со востановената практика. Со одбивањето на потпишување на записниците се става под сомнеж нашата работа, бидејќи без документ за тоа што е дискутирано и какви одлуки се донесени на нашите средби се прават работите несигурни“, рече копретседавачот на Комисијата од бугарска страна, Ангел Димитров.

Според Драги Ѓоргиев, пак, иако на средбите имало повеќеслојни дискусии, за жал, напредок нема. Додека јавноста беше во исчекување на некаков позитивен исход од средбите, Ѓоргиев вели дека на поголемиот дел од нив се дискутирало за записниците, извести „Дојче Веле“.

„Тука главен проблем е употребата на придавката ‘македонски’, бидејќи постои различно толкување на Преспанскиот договор. Употребата на придавката ‘македонски’ од страна на бугарските колеги е лимитирана целосно, без оглед како е тоа запишано во Преспанскиот договор и како тоа се толкува од наша страна. Бугарските колеги тоа почнаа да го практикуваат по 6-та. средба, иако ние не бевме информирани, ниту бевме консултирани“, рече Ѓоргиев.

Според Ѓоргиев, во однос на прашањето за цар Самоил, главниот проблем е што бугарските колеги инсистираат во учебниците да влезе само нивната перспектива.

„За жал и тука не постигнавме согласност. Главниот проблем е во тоа што, според мене, се избегнува внесување мултиперспективност во учебниците по историја. Идејата да се наметне само едно видување, резултираше со непостигнување резултати за оваа забелешка на бугарските колеги. Беа разменети неколку предлози и варијанти на препораката за тој дел од нашата историја, но се покажа дека имаме апсолутно спротиставени ставови за тоа како треба да изгледаат идните учебници“, рече Ѓоргиев.

Обајцата копретседатели најавија дека во следните денови ќе се состанат повторно, но во помал состав за да се лоцира проблемот и да се најде излез од оваа „непријатна ситуација за двете страни“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...