Во заедничка декларација објавена утрово, министрите за надворешни работи на Бугарија, Грција, Хрватска и Романија – сите членки на ЕУ – ја потврдија својата силна поддршка за прилкучувањето на земјите од Западен Балкан кон Унијата, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Ја потврдуваме нашата силна поиддршка за перспективата за присоединување на земјите од Западен Балкан и за нивната иднина во ЕУ. Цврсто веруваме дека проширувањето на ЕУ е обострано корисен процес и за ЕУ и за земјите од Западен Балкан и тоа претставува стратегиска инвестиција во безбедноста, стабилноста и проперитетот на Европа“, се вели во декларацијата објавена пред состанокот на Европскиот Совет, кој треба да реши дали ќе даде датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.
Сепак, во декларацијата се вели дека проширувањето треба да биде врз основа на индивидуалните заслуги, што е сигнал дека тие се подготвени перспективите на Македонија и на Албанија да се разгледуваат одвоено, а не во пакет.
„Ете зашто сме убедени дека ЕУ мора да остане силно ангажирана во регионот на Западен Балкан и дека проширувањето мора да остане во фокусот на ЕУ. Исто така веруваме дека надежната перспектива за членство во ЕУ е од решавачко значење за развојот на демократски и просперитетни општества во земјите од Западен Балкан. За ЕУ е од првостепено значење да обезбеди целосен напредок на регионот заснован на индивидуалните заслуги и исполнувањето на строги, но праведни услови“, се вели понатаму во декларацијата потпишана во Њујорк, каде се одржува Генералното собрание на ОН.
Дека членките на ЕУ од Балканот се отворено наклонети кон евроатлантската перспектива на Македонија се гледа и од претпоследниот пасус на декларацијата, во која се споменува само земјава.
„Започнувањето на преговорите за членство ќе даде можност на овие две држави да се концентрираат на неопходните реформи,а ЕУ истовремено ќе може да го следи одблизу нивниот напредок во исполнувањето на установените услови и критериуми, вклучително и исполнувањето на двостраните договори, кои се особено позитивни за добрососедството во регионот, како што се Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и Преспанскиот договор меѓу Грција и Република Северна Македонија. Тоа со сигурност ќе додаде импулс на реформите во целиот регион. Почетокот на преговорите исто така би бил впечатлив доказ за постигнатиот напредок и ќе стави силен акцент на процесот на членството на двете земји, како резултат на силната поддршка на сегашната Европска комисија во процесот на проширување“, се вели во заедничката декларација на министрите за надворешни работи на Бугарија, Грција, Хрватска и Романија.