Задутре започнува меѓународниот филмски фестивал „Cinedays“

Фото: Град Скопје

Mеѓународниот фестивал на европски филм „Cinedays“, под слоганот „Од високо подобро се гледа“, ќе се одржи од 7 до 14 овој месец на повеќе локации низ Скопје – на покривот на ГТЦ, на покривот на Дом на градежници, Музеј на современа уметност, Авто киното на Водно, во МКЦ парк, во кино Милениум и Кинотека. Отворањето и затворањето на фестивалот се во знак на македонски режисерски имиња.

„Филмот „Мими“ на Даријан Пејовски својата светска премиера ќе ја има во четврток на отворање на фестивалот, а затворањето на фестивалот е со „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој што го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на „Санденс“. Годинешната програма на фестивалот е селекција на Бернд Будер, и во неа граѓаните ќе имаат прилика да видат светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), ретроспектива на Фатих Акин, како и Гала програмата на фестивалот во која доминираат филмови од годинешново издание на Канскиот фестивал“, соопштуваат од „Cinedays“.

Во насока на поддршка и развој на филмската уметност, Градот Скопје е подржувач на меѓународниот фестивал кој со години наназад е неизоставен дел од културната програма на Скопје.