Задутре ќе се одржи втората национална конференција од проектот „СМАРТ Балкан“

Фокусот на панел дискусијата на годинашнава конференција ќе биде на управување со кризи и јакнење на локалните капацитети за спречување на насилство и насилен ектремизам

Втората Националната конференција во рамки на проектот „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ ќе се одржи во хотелот Александар Палас во четврток (8 јуни) со почеток од 9:30 часот, информираат од Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП.

Фокусот на панел дискусијата на годинашнава конференција ќе биде на управување со кризи и јакнење на локалните капицитети за спречување на насилство и насилен ектремизам. Воедно, на конференцијата ќе бидат потпишани и договорите со добитниците на грантови од грантовата линија – Национални интервенции, а ќе бидат споделени и информации за претстојниот повик за регионални грантови.

Воведни излагања на конференцијата ќе имаат Марија Ристевска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Хане Мелдгард, заменичка шеф на мисија на амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и Методија Димовски, генерален секретар на Владата на РСМ.

На првата панел дискусија на тема „Подготвеноста на системот за управување со кризи во С.Македонија“ ќе учествуваат Драгана Батиќ од Факултетот за безбедност во Скопје, Стојанче Ангелов директор на Центарот за управување со кризи и Кире Михајлов од Доброволното противпожарно друштво од Свети Николе.

Втората панел дискусија е насловена „Зајакнување на локалните капацитети за спречување на насилство и насилен екстремизам“, на која ќе земат збор Златко Апостолоски, национален координатор за спречување на насилен екстремизам и спречување на тероризам, Вилма Милчев, директорка на Центарот за заедничка основа и Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.

Проектот СМАРТ Балкан е финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка со грант од над 17 милион евра, тековно се спроведува од 01.01.2022 година од страна на конзорциумот на организации: Centar za promociju civilnog drustva (CPCD), како водечки партнер, Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) од С. Македонија и Институт за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија.

Главната цел на проектот е да придонесе кон зајакнување на партиципативните демократии и евроатлантските интеграции во Западен Балкан преку јакнење и поттикнување на граѓанските организации (ГО) и мрежите на ГО за посилна и поактивна улога во процесот на создавање на мирни и инклузивни општества за одржлив развој на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С. Македонија и Србија.