Ќе ја издржи ли Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) најавената владина мерка за задолжително пензионирање со навршени 64 години за мажи и 62 години за жени е прашање кое заслужува внимание имајќи предвид што, според податоците на Државниот завод за статистика заклучно со јуни, годинава во земјава имало 9.696 вработени лица на возраст поголема од 65 години.

Со имплементацијата на ваквата мерка овие лица ќе почнат да земаат пензии од ПИОМ со што дополнително ќе се зголеми притисокот врз државниот пензиски фонд кој не би можел да преживее доколку секоја година не се одвојуваат огромни средства од буџетот за да се покрие дефицитот односно таканаречената „црна дупка“ која од година во година станува се поголема.

Тоа го покажува и извештајот за работењето на ПИОМ во 2018 година според кој изворните приходи во периодот 2007-2018 се зголемени за 73,32 отсто, а средствата од буџетот на државата за 183,2 отсто.

„Во периодот од 2017 до 2018 година, исто така, се зголемуваа и расходите, како резултат на зголемувањето на бројот на корисниците на пензија и извршеното усогласување на пензиите. Расходите за исплата на пензиите во 2018 година изнесувале 54,2 милијарди денари и во споредба со 2017 година се зголемени за 9,56 отсто “, пишува во извештајот.

Според податоците на ПИОМ, во рамките на пензиското и инвалидско осигурување заклучно со крајот на 2018 година својата социјална сигурност ја остваруваат 327.195 корисници на права од пензиското и инвалидско осигурување, односно 317.278 корисници на пензија, 9.831 корисник на паричен надоместок за телесно оштетување и 86 корисници на паричен надоместок со преостаната работна способност, или 15,7 отсто од вкупното население.

Извесно е дека зголемувањето на оваа бројка со речиси 10.000 нови пензионери што го најавува Владата ќе бара дополнителни трансфери од буџетот бидејќи ПИОМ не генерира доволно приходи од придонеси за да ги исплати пензиите.

За неодржливоста на македонскиот пензиски систем неодамна предупреди и Светската банка. Оттаму порачаа дека нашата држава мора да направи реформи на пензискиот систем во насока на амортизирање на фискалните притисоци.

„По меѓународните стандарди македонските пензиски трошоци се високи (над 10 отсто дод БДП) и ќе растат уште повеќе во наредните две децении доколку не се спроведат реформи. Проекциите покажуваат македонскиот пензиски систем без реформи ќе продолжи да генерира значителен дефицит кој во моментот изнесува 4 отсто од БДП“, соопшти Светската банка.