Присуство на инсектицидот метомил, познат во јавноста како ланате бил пронајден во парчиња салама, утврдил Институтот за судска медицина. Парчињата салама биле пронајдени во населбата Расадник во Кисела Вода, во непосредна близина на детско игралиште, соопшти ЈП „Лајка“.
Според претпријатието, сомнителната храна била забележана од деца, кои ги известиле своите родители, а потоа примероците биле доставени на токсиколошка анализа.
„Станува збор за високо токсичен инсектицид, одамна забранет за употреба и за увоз во земјите на ЕУ и во Македонија, поради неговата енормна токсичност и можност за злоупотреби, најмногу со цел да се трујат животни“, соопшти ЈП „Лајка“.
Од ЈП „Лајка“, исто така, потсетуваат дека во истата населба на 15 мај беше регистрирано масовно труење на домашни и бездомни кучиња и мачки, при што отровна храна била пронајдена и во близина на станбени згради.
„Станува збор за отров од кој животните умираат во агонија, а опасен е и за луѓето при голтање, вдишување или контакт со кожа“, наведуваат од претпријатието.
Оттаму предупредуваат дека расфрлањето отровни супстанци на јавни површини претставува сериозна закана не само за животните, туку и за граѓаните, особено за децата кои можат да дојдат во допир со нив.
ЈП „Лајка“ апелира до надлежните институции да преземат мерки за откривање на сторителите и да утврдат како забранетиот инсектицид се набавува и се внесува во земјава. Оттаму потсетуваат дека за фрлање или користење на вакви отровни супстанци се предвидени затворски казни, согласно член 232 од Кривичниот законик за неовластено ракување, производство и промет со опасни материи.
„Труењето со ланате во современите држави веќе не се третира само како злоупотреба на пестицид, туку и како еколошки криминал, кривично дело и опасност по јавното здравје, а во Македонија веќе има примери за смртни последици по луѓе кои дошле во допир со овој инсектицид“, се вели во соопштението.
Од претпријатието апелираат граѓаните, доколку забележат сомнителна храна со бела прашкаста материја, да не ја допираат без заштита, веднаш да ги оддалечат децата и животните, да пријават во МВР и во ЈП „Лајка“, да ја документираат локацијата доколку е можно и да ги информираат останатите граѓани со цел навремено предупредување.
