Само две недели по донесувањето на измените на Законот за постапување со отпад, со кои Собранието забрани увоз на отпад за согорување, темата за отпад и загадување излезе од фокусот на јавноста. Кон крајот на минатата година алармот го запалија фотографии на шлепери полни со разновиден индустриски отпад наменети за согорување во индустриски постројки во земјава, споделувани на социјалните мрежи, а недовербата ја зголемија неуверливите оправдувања на надлежните државни органи дека патот на отпадот кој се увезува, до конечниот корисник, уредно се контролира.
„МЖСПП одговорно тврди дека оваа мерка нема да влијае на квалитетот на воздухот“, категорични се од Министерството за животна средина, коментирајќи за ефектите од донесените измени на Законот за отпад со кои се забранува увоз на отпад за согорување. Сепак, напомнуваат дека е рано да се зборува прецизно бидејќи е потребно да се следат извешатите за концентрациите на одредени емисии во воздухот па потоа да се донесе заклучок.
Од МЖСПП потсетуваат дека овие измени всушност ги тангираат само две компании во земјава бидејќи досега само тие користеле отпад од увоз како енергенс – цементарницата „Титан Усје“ и поранешно „Фени“, денес „Еуроникел индустри“. Кај „Титан“ само 4% од горивото е заменето со РДФ и Овие компании ќе продолжат да користат само фосилни горива, па резултатот ќе треба да се види по извршените анализи на квалитетот на амбиентниот воздух, се вели во дописот од МЖСПП.
Исто така, велат од Министерството, измените на Законот за отпад се однесуваат само на увоз на отпад кој се користи како гориво/енергенс, а не на отпад кој се користи како суровина, така да увоз на отпад за рециклирање и преработка ќе продолжи да се увезува во земјата, согласно со законот и соодветните дозволи кои произлегуваат од него.
Кон крајот на декември лани, предлагачите, партијата ДОМ, како и дел од граѓанските здруженија собрани околу еколошката иницијатива „Зелен фронт“ ова решение го промовираа како единствен излез, со аргумент дека во државава нема контрола на отпадот кој се увезува, не се знае што точно ни влегува во земјата, ниту пак се знае кои и какви штетни состојки се ослободуваат при негово согорување, а притисокот кон власта, изразен преку протести пред Собранието и пред скопската Цементарница вроди со плод. Сепак, откако спласна еуфоријата од усвојувањето на законска измена, се чини спласнаа и очекувањата од неа.
„Ги предложивме измените, бидејќи сметаме дека така може да се намали загадувањето кое потекнува од согорување на отпадот“, вели Маја Морачанин, претседателка на ДОМ и една од предлагачите на измената на законот за отпад во македонското Собрание.
„Се согласувам дека не можеме да очекуваме дека со оваа забрана ќе се реши комплетно аерозагадувањето бидејќи клучни извори се емисиите од индустриски капацитети, загревањето на објектите, сообраќајот, градежната индустрија, како и отпадот“, вели таа.
Морачанин смета дека долгорочно решение е воспоставување на систем за контрола во кој ќе имаме доверба сите и дека акредитација на Централната државна лабораторијае чекор во таа насока.
Граѓанското здружение „Движење за чист воздух“ непосредно пред донесувањето на забраната за увоз на отпад за согорување, ја блокираше скопска Цементарница, обвинувајќи ја дека загадува и изразија сомнежи во начинот на кој сега се врши мониторинг на емисиите од нивните оџаци, односно во вистинитоста на прикажаните вредности на штетните честички кои се драстично под дозволените вредности, а сепак загадувањето во Скопје е енормно.
„Оваа забрана нема да биде ниту еден процент ефикасна односно нема да придонесе за намалувањето на аерозагадувањето. Не е битно само што се согорува, од исклучително значење е и на каков начин се согорува бидејќи од тоа ќе зависи и какви емисии ќе има како резултат на тоа согорување“, тврди Тони Никушевски од „Движењето за чист воздух“.
Тој смета дека единствено решение е ефикасна контрола која ќе ги натера целата индустрија, и оние со А и со Б дозволи и помалите, кои исто така имаат свое значајно учество во загадувањето, да работат според законските прописи.
Од Fridays for Future, кои одржаа протест пред Собранието како форма на граѓански притисок за донесување на забраната за увоз на отпад, сега излегоа со став дека забраната за увоз на отпад е само изнудена мерка која сама по себе не претставува ништо особено, се додека не постои системско решение во нашиот однос на животната средина.