Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Ова мерките на Северна вукојебина за забрана за шетање по планините личи на агендата 2030 а народот овца не се буни.
Забраната за шетање во шуми не е ништо ново и таа се спроведува години наназад со цел превенција од пожари во летниот период. Оваа забрана нема никаква врска со некакви агенди и ограничување на движењето на луѓето заради некои други цели, како што тоа сака да го прикаже објавата.
Забраната за движење во шумите ова лето се воведе од 1 јули и ќе трае до 31 август.
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека согласно насоките на Владата по барање од корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство даде согласност за целосна забрана на движење во шумите и шумското земјиште. Согласноста е издадена врз основа на членот 57 став 3 од Законот за шумите, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор. Целосната забрана за движење во шумите започнува од 01.07.2025 година и ќе трае се до 31.08.2025 година. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови, соодветно за подрачјето со кои управуваат, соопштија од МВР.
Оттаму јасно посочуваат дека забраната се воведува поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.
Забрана за движеше во шумите поради превенција од пожари имаше и лани.
Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува ЈП „Национални шуми“, и истата започнува од 15.07.2024 година и ќе трае се до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 06:00 до 20:00 часот. Целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“, за подрачјето со кое управуваат, соопштија тогаш од МЗШВ.
Ваква забрана имало на пример и во 2016 година.
Се воведува ограничување на движењето на сите лица во шумите и шумските појаси за периодот од 06.07.2016 година до 15.08.2016 година во термин од 7,00 часот наутро до 17,00 часот попладне (освен ако лицето нема добиено соодветна дозвола од Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја). Ова ограничување не важи за вработените во Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја. Во периодот од 17.00 часот попладне до 7.00 часот наутро дозволено е движење на сите лица во шумите и шумските појаси заради одмор и рекреација на сопствена одговорност за својата безбедност и обврската за ненанесување на штети на шумата (палење на отворен оган во шума и др)…
Забрана за движење во шуми за да се превенираат пожари се воведува и во Турција. Годинава ваква мерка е воведена во 47 региони.
Турската Комисија за борба против шумски пожари воведе привремена забрана за пристап до шумските области во 47 провинции поради зголемен ризик од пожари. Одлуката доаѓа како одговор на абнормалните топлотни бранови и растечките закани од пожари, а беше одобрена од гувернерите на провинциите низ целата земја, објави „Азерњуз“.
Оваа пракса е позната и на пример во Грција.
Забраната за движење во шуми нема никаква врска со Агенда 30 на Обединетите нации. Со оваа Агенда се поврзуваат бројни теории на заговор за кои Вистиномер има претходно пишувано, а едната од нив е и онаа која с еобидува да ја протурка објавата која ја анализираме, дека некои елити кои управуваат со светот ќе го ограничат движењето на луѓето, ќе им го одземат земјиштето и ќе ги сместат во т.н. паметни градови.
Ваквите невистинити тврдења на Интернет почнаа да се шират не само во земјава, туку и во други држави на други јазици, откако воз излета од шините и предизвика пожар на 3 февруари во град во Охајо САД, по што илјадници жители мораа да се евакуираат.
Причината за евакуацијата беше тоа што во возот имало хемикалии, а една од нив винил хлорид, за која што Агенцијата за заштита на животната средина на САД вели дека е високозапалива и канцерогена, особено при вдишување. Кога истата ќе се запали, се разложува на други токсични состојки вклучително и хидроген хлорид.
Тврдењето дека Агенда 2030 ќе им дозволи на владите да го преземат загаденото земјиште и дека ќе им биде дозволено да ги преселат во „паметни градови“ се невистинити, а уште повеќе, Обединетите Нации немаат моќ да спроведуваат закони.Агенда 2030 не вклучува никакви закони или правни инструменти, ниту за загадено земјиште ниту за паметни градови. Законите се препуштени на суверените држави и мултилатералните механизми во кои што тие учествуваат, вели портпаролот на ОН за Ројтерс.
Во самиот текст на Агенда 2030 не се споменува никаде ниту терминот „паметни градови“.
Други публикации на Обединетите Нации, ги дискутираат улогите за користење на земјиштето, планирањето и градската инфраструктура за да се постигнат целите на Агенда 2030 за одржлив развој. Таков е примерот со извештајот од 2020 година објавен од страна на економската комисија на Обединетите Нации за Европа.
