Водно е изземено од одлуката за забрана на движење по шуми и шумските предели во државата, но во соопштението до јавноста е направен превид и тоа не е спомнато, информираат од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, по револтот кој се појави меѓу граѓаните на социјалните мрежи.

„Министерството ја донесе одлуката на барање на ЈП „Македонски шуми“ и таа е поврзана со појавата на неколку шумски пожари во периодов“, вели Соња Јанковска, портпарол на Министерството, но, додава, „движењето на Водно е изземено од оваа одлука бидјеќи се работи за шума која не е во надлежност на ова претпријатие.“

На прашање на „Мета“ зошто тоа не стои во самата одлука која беше објавена вчера, Јанковска со објаснување дека се работело за превид на службите, но не прецизираше дали Министерството ќе излезе со ново, коригирано соопштение до јавноста во врска со ова.

Ова практично значи дека по завршувањето на четиридневната изолација на граѓаните за време на Велигденските празници, тие повторно ќе можат да се рекреираат на Водно, се разбира во часовите во кои нема забрана за движење, а тоа се работните денови од 5 до 16 часот.

По донесувањето на Одлуката за забрана за движење во шуми и шумски појаси на Министерствотот за земјоделие, шумарство и водостопанство, која стапува на сила од денес, не стивнуваат бурните реакции на социјалните мрежи помеѓу планинарите, спортистите и рекреативците околу најновото ограничување на слободното движење.

Доцна синоќа осамна и онлајн-петиција која се споделува на „Фејсбук“ и на која за кусо време се потпишаа преку 2.300 луѓе со која се бара од Министерството укинување на оваа одлука.

„Револтот е огромен, и доколку не ја разгледате можноста за измена на одлуката и преиначување на истата со цел рекреативци и љубители на природата да можат слободно да циркулираат по шумите и во природа, ќе се организираме и ќе ја покренеме јавноста,“ се вели во образложението на онлајн-петицијата.

Дел од планинарите најавуваат и граѓанско организирање и подготвуваат обраќање до Министерството за земјоделие и до „Македонски шуми“ со кое сакаат да образложат, зошто оваа забрана ја сметаат за апсурдна и контрапродуктивна во овој момент.

„Во овој период пожар тешко може да се прошири дури и да е намерно подметнат,“ вели Дејан Доневски од планинарското друштво „Ај лав Хајкинг“, кој добро ја познава состојбата на терен и тврди дека шумите се премногу влажни или со остатоци од снег, па според тоа не држат аргументите на надлежните.

А, што се однесува до забраната како облик на дисциплинирање на граѓаните поради корона вирусот, како што се шпекулира дека биле намерите на надлежните, тој прашува: Што е подобро – 100 луѓе во маркет или двајца на планина?

За утре Министерството за земјоделие најави прес-конференција.