fbpx

Забрана за влез во објекти на невакцинираните е опција само ако се влоши епидемиолошката состојба

-

Во постот што го рецензираме, не се наведува контекстот, дека со законските измени предложено е додавање на уште една времена мерка која што не е на сила постојано, не се знае дали воопшто ќе стапи на сила и кога, но дадена е како опција во случај на епидемија. Ако се исполнат претходни услови, мерката треба да ја одобри Владата на предлог на експерти од Комисијата за заразни болести, во случаи на епидемија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека во Собранието пред Комисијата за европски прашања ќе се најде дискриминирачки закон за неимунизираните, со кој ќе се забрани влез во објекти за лица кои не се вакцинирани или не поседуваат потврда за прележана болест.

Во вторник на Комисијата за европски прашања – дискриминирачки закон за “неимунизираните” !!!
Член 10 – забрана за влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест !

Член 10: Во член 28 став 6, во точката 1, по потточката 4 се додава нова потточка 5 која гласи: 5. Забрана за влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест, пишува во постот што го рецензираме.

Вистиномер се обрати во Министерството за здравство, предлагач на законските измени, за објаснување на што точно се мисли кога се предлага во Законот за заштита на населението од заразни болести, да се забрани влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест.

Оттаму ни одговорија дека со членот 10 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, се предлага дополнување на постојниот член 28 став 6 во точката 1, со која се уредени времени мерки за спречување на ширењето и сузбивањето на заразната болест предизвикана од ковид-19. Согласно овој став, надлежните можат да ги спроведат следните времени мерки: носење лична заштита на лицето, респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама бандана или слично. Понатаму, маска може да се предложи да се носи при излегување надвор од домот, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејноста претставуваат место на собирање на повеќе лица, а тоа се државните институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично. Исклучоци од ова се случаите при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на протоколи за заштита, при возење приватно возило ако возачот е сам или со лица со кои живее во заедница, при престојување на двор во семејна куќа, при седење во угостителски објект со почитување на дистанца и дезинфекција, ако се користи друг тип заштита, ако лицето е помладо од 6 години, ако има специфична здравствена состојба, е лице со посебни потреби или со пречки во развојот поради што носењето заштита на лицето би било контраиндицирано.

Покрај овие времени мерки, со Предлог-законот се предлага дополнување со уште една времена мерка: забрана на влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест.

Овие времени мерки согласно членот 6, како што објаснуваат од Министерството за здравство, се токму поради заштита на здравјето на луѓето, додека постои опасност од ширење на епидемија.

За тоа кои од наведените мерки ќе се применуваат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период одлучува Владата на предлог на Министерството за здравство, врз основа на стручно мислење и предлози од комисијата за заразни болести, велат од МЗ за Вистиномер.

Оттаму, во постот што го рецензираме, не се наведува контекстот, дека со законските измени предложено е додавање на уште една времена мерка која што не е на сила постојано, не се знае дали воопшто ќе стапи на сила и кога, но дадена е како опција во случај на епидемија. Ако се исполнат претходни услови, мерката треба да ја одобри Владата на предлог на експерти од Комисијата за заразни болести, во случаи на епидемија.

Дополнително, од Министерството за здравство ни испратија прилог односно Извадок од Решение на Уставниот Суд од 23 март 2022 година каде судот решил да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста за времените мерки во врска со ковид-19. Судот оценил дека Уставот ги гарантира слободите и правата на граѓаните, но истовремено предвидува исклучоци со кои се ограничуваат истите, а заради остварување на многу повисоки цели како што е заштитата на здравјето на луѓето како најголема вредност во општественото живеење.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме пост во кој се пропушта контекстот. Времената мерка која е предложена како дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести не важи во моментот, односно за да почне да важи треба да има влошена епидемиолошка состојба, Комисијата за заразни болести да ја предложи, а Владата да ја спроведе. Тоа може, а и не мора да се случи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...