Кратко време откако министерот за здравство Венко Филипче објави дека докторка е заболена со корона вирусот, почнале телефонските повици до организаторите на Меѓународниот симпозиум за дерматологија, што на 28 и 29 февруари се одржа во Штип и Скопје. Организатор на симпозиумиот е Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Само првиот ден, на симпозиумот во Штип, имало околу 400 учесници – професори, лекари и студенти, додека на вториот ден во Скопје – околу 300.  

– Заболената докторка не присуствувала на симпозиумот. Била поканета, но не одговорила на поканата – за „Мета.мк“ кратко информираа од Универзитетот во Штип.

До потврдувањето на оваа информација, присутна беше загриженоста од можната инфекција, особено што се работи за собир од толкав обем, со присуство на околу 700 луѓе.

Инаку, на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, каде е сместен изолацискиот центар за евентуални заболени од корона вирусот, во моментов нема нови сомнителни случаи.