fbpx

За здравјето се работи

Повод: Годишниот извештај за здравјето во ЕУ 2021 година

-

Да не беше пандемијата предизвикана од Ковид-19, здравството веројатно ќе останеше под радарот на вниманието на европската и нашата јавност. Здравството е област на споделена надлежност меѓу ЕУ и државите членки. Додека државите членки ги утврдуваат и обезбедуваат нивните здравствени услуги и грижата за здравјето, Унијата ги дополнува нивните национални политики со цел подобрување на јавното здравје, спречување на физички и ментални болести, како и на извори на опасност по здравјето. Главно тоа го чини преку координација на политиките, но има и овластувања да донесува законодавство за одредени прашања.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Секоја година Европската комисија, во соработка со Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската опсерваторија за здравствени системи и политики објавува извештај за состојбата на здравјето во ЕУ. Последниот е објавен во декември минатата година. Извештајот ги опфаќа и Норвешка и Исланд, како држави членки на Европската економска област, но за жал, не и државите од регионот на Западниот Балкан.

Очекувано, целата содржина на Извештајот е проткаена со последиците на кризата од Ковид-19 и мерките за борба со неа. Зголемениот морталитет поради Ковид-19 ги поништил придобивките стекнувани години пред тоа, така што просечните очекувани години на живот се намалија од 81,3 во 2019 година на 80,5 години во 2020. Меѓутоа индикаторот на морталитет кој не произлегува од КОВИД  е зголемен за просечно 12% на ниво на ЕУ, што укажува дека не се пријавени сите случаи на смрт предизвикана од КОВИД.

Пандемијата го намали пристапот до другите здравствени услуги. Додека разликите во однос на споменативе индикатори во ЕУ се големи, едно е сигурно – во целата ЕУ последиците од пандемијата беа многу потешки за населението во полоша социјално-економска состојба. Така, за илустрација ќе наведеме дека во Белгија морталитет директно неповрзан со КОВИД кај десетината население со најнизок социјален статус била двојна во споредба со десетината население со највисок социјален статус. Во Германија, пак, 70% од нискообразованите биле соочени со ризик од тешка форма на Ковид, за разлика од 41% од високообразованите. Евидентни се и последиците за менталното здравје. Анксиозноста и депресивните нарушувањa се зголемиле за 24%, односно 23%, особено погодувајќи го младото население. Извештајот, секако, ја задржува стратегијата на поголем опфат на вакцинација како основно средство за борба со пандемијата.

Вториот клучен аспект на Извештајот е користењето на дигиталните иновации во обезбедувањето на здравствена грижа и во јавното здравство. И едноставниот податок дека просечниот процент на населението во ЕУ кој користел он-лајн консултации од летото 2020 година до првите месеци на 2021 година се зголемил од 28,7% на 38,6% (а во некои земји надминал 70%) кажува на големиот ефект на пандемијата врз употребата на дигиталните алатки во здравството.

Голем дел од мерките како одговор на пандемиската криза содржеа воведување различни дигитални решенија во националните здравствените системи, како и на ниво на ЕУ. За Европската комисија еден од приоритетите во областа на здравството е креирањето на Европскиот простор на здравствени податоци (ЕХДС), кој треба да им овозможи на граѓаните на ЕУ поголем пристап, контрола и користење на нивните здравствените податоци, но и придобивки за истражувачите, иноваторите, креаторите на политиката, како и регулаторите.

Европската комисија како трет клучен аспект на состојбата на здравјето во ЕУ го оценува ревидирањето на стратегиите и планирањето на работната сила во здравството. Пандемијата во сите држави на ЕУ ги стави под притисок човечките ресурси во здравството, но ситуацијата е многу различна во различни земји. И покрај тоа што бројот на лекари и среден медицински персонал се зголемил за 16%, односно за 14% во изминатата деценија, 15 држави членки на ЕУ известуваат дека имаат недостаток на медицински персонал.

Разликите меѓу државите членки, но и во географски региони во самите држави се големи. Воведени се многу различни краткорочни материјални и нематеријални мерки за стимулација и поддршка на медицинскиот персонал (повисоки плати, бонуси, грижа за децата, сместување, итн.). Сепак, клучната препорака на ЕК е да се обезбеди долгорочно планирање, финансирање и инвестиции за здравството да биде поотпорно на предизвиците – како од итните ситуации како пандемијата предизвикана од Ковид-19, така и од оние што ќе бидат предизвикани од климатските промени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...