Заштитата на животната средина за првпат ќе биде точка на дневен ред на седница на Советот за безбедност којашто ќе се одржи кон средината на декември и на седницата ќе се вклучат и претставници на граѓанските организации. Претседателот на државата Стево Пендаровски ќе ја врати Стратегијата за одбрана во постапка, за во неа да бидат вклучени точки и мерки за еколошка безбедност. Ова е дел од чекорите кои претседателот им ги предложил на претставниците на граѓанските здруженија и иницијативи за заштита на животната средина на денешната средба во претседателската вила на Водно со еко активистите, потписници на отвореното писмо упатено до претседателот на 30 октомври 2019 година, поврзано со заштитата на животната средина, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на државата.

Средбата од кабинетот на Пендаровски беше најавена веднаш откако активистите на „Скопје Смог Аларм“, на „О2 Иницијативата“, „Еко Герила“, „Мој воздух“ и „Битола сака чист воздух“ со писмо побараа од претседателот и од премиерот Зоран Заев да ги активираат војската и на полицијата за да се справат со енормното загадување на воздухот предизвикано со нелегалните палења на огнови на отворено и подметнати шумски пожари, повикувајќи се на уставно загарантираното право на здрава животна средина.

Како што информираат од претседателскиот кабинет, на средбата, на која присуствувал и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски,  се разговарало за предлозите и иницијативите во отвореното писмо упатено до претседателот Пендаровски за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено. Претседателот изразил подготвеност да ги поддржи сите граѓански иницијативи што се во функција на надминување на овој проблем и да помогне во нивната комуникација со надлежните институции се вели во соопштението.

Во однос на барањето за ангажман на Армијата во справувањето со аерозагадувањето преку нивно вклучување во патроли и ноќни дежурства, Претседателот истакнал дека внатрешниот ред во државата е надлежност на полицијата. Армијата, нагласил Пендаровски на средбата, веќе придонесува за заштита и за унапредување на животната средина преку низа активности, како што се засадување нови садници на опожарените места, расчистување на опожарените места, пошумување, расчистување на отпад од речни корита, селекција на отпад, активна обука и едукација на персоналот за грижа за животната средина, соопштуваат од кабинетот.

Претседателот Пендаровски и претставниците на граѓанските организации и иницијативи се сложиле дека е потребно да постои меѓусебна координација и целосна вклученост на сите надлежни органи. Истовремено, шефот на државата пред граѓанските активисти најавил дека ќе ја застапува идејата за зголемување на државниот буџет за заштита на животната средина со цел да се приближи кон просекот на земјите-членки на ЕУ, дека ќе даде поддршка за создавање на национален фонд за заштита на животната средина и дека ќе се заложи за задолжителен број на часови со цел едукација, за учениците во основните и средните училишта за заштита на животната средина.

Истовремено, Кабинетот на претседателот, на барање на граѓанските организации во комуникација со Министерството за животна средина и просторно планирање добил информација дека А-интегрираната дозвола за РЕК Битола ќе биде издадена во текот на декември 2019 година.

„Впечаток е дека претседателот е добро запознаен со барањата на претставниците на граѓанските здруженија за заштита на животната средина и се сложи со ставовите и констатациите за лошата состојба со аерозагадувањето и со опасностите по здравјето на граѓаните“, вели Јана Белчева од здружението „Здравје пред профит“, која присуствуваше на средбата кај Пендаровски и додава дека тој покажал разбирање што тие му се обратиле нему како крајна инстанца за да побараат помош за надминување на проблемите бидејќи претходно е изгубена довербата во надлежните институции на државата.

„Го замолив Претседателот Пендаровски во иднина да настапува како застапник на граѓанските права за чиста животна средина“, вели Аријанит Џафери од „Еко Герила“, кој го оценува како „исклучително позитивен“ предлогот на претседателот и претставници на граѓанските иницијативи да се вклучат во највисокиот државен форум за безбедност, Советот за безбедност и таму да се разговара за проблемот со загадувањето.