Буџетот за 2020 година носи мото „инвестираме во човечкиот капитал” затоа што човечкиот капитал е најважен за економскиот развој на една земја, рече министерката за финансии Нина Ангеловска во експозето на предлог-буџетот за 2020 година, кој денеска беше на пленарна седница во Собранието.

– Затоа, во предлог-буџетот за 2020 година издвоивме наjвисоки досега 154 милијарди денари за функциите на здравството, образованието и социјалната заштита. Сакаме најдобрите лекари и медицински персонал да бидат во јавното здравство. Сакаме квалитетни идни генерации и знаеме дека за тоа е предуслов квалитетното образование за секое дете. Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните. Да нема деца надвор од системот на згрижување – образложи Ангеловска.

Пратеничката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, рече дека буџетот е социјален, но не е развоен.

„Она што како назив го имате за буџетот, дека е инвестиција во човечки капитал, мислам дека уште на почетокот ви е погрешен затоа што уште на комисија кажав дека да се вложи во човеки капитал значи подобро образование, вложување во науката, а овој буџет тоа не е“, рече Кузмановска.

Според неа, буџетот е популистички и предизборен, бидејќи се покачувале платите и пензиите.