За успехот на атлетичарката Дрита Исљами, Градот Скопје ќе ѝ додели 100.000 денари награда

Извор на фотографија: Град Скопје

За постигнатиот успех на македонската атлетичарка Дрита Исљами на Европското екипно првенство во Лимасол (Кипар), Градот Скопје ќе ѝ додели на успешната спортистка награда од висина од 100.000 денари. Градоначалникот Петре Шилегов денеска оствари средба со македонската атлетичарка Дрита Исљами, која по втор пат во последните три недели го собори државниот рекорд во дисциплината 400 метри со пречки, информираат градските власти.

Исљами на првиот ден од Европското екипно првенство во Лимасол ја истрча патеката во време од нов македонски рекорд од 57,53 секунди и го освои првото место. Од Атлетската федерација на Македонија изјавија дека добриот резултат на македонските атлетичари е уште позабележителен, со оглед на фактот што станува збор за екипен шампионат, во кој атлетичар(к)ите се борат за бодови за својата репрезентација, а не за личен пласман.

Од Градот Скопје информираат дека со Програмата за активностите во областа на спортот и младите, градските власти редовно финансиски и логистички ги поддржуваат спортските клубови регистрирани на подрачјето на град Скопје, како што во овој случај е финансиската и логистичка поддршка неколку години наназад на Атлетскиот клуб Работнички од Скопје, во чии редови последниве години е постојан член наградената наша најдобра атлетичарка на кратки патеки Дрита Исљами.