fbpx

За уште еден сомнителен пациент потврдено дека нема корона вирус

-

Уште една пациентка која вчера вечер на Инфективната клиника во Скопје како сомнителен случај била тестирана за корона вирус е со негативен резултат, односно го нема корона вирусот, соопшти Министерството за здравство.

Претходно вчера беше тестиран еден патник кој пристигнал од Дубаи пред шест дена, а завчера вечерта беше тестиран сомнителен случај на патник кој допатувал од Милано. И патничката што е испитувана вчера допатувала од Милано, пишуваат медиумите.

„Ја следиме ситуацијата, постапуваме согласно протоколите на СЗО и продолжуваме редовно да ја информираме јавноста“, соопшти Министерството за здравство.

Владата на вчерашната седница, врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со корона вирусот на Министерството за здравство и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, го задолжи Министерството за здравство, да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.

Владата донесе заклучок и да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.

„Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот,“ се вели во владиното соопштение.

Исто така, Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.

Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.

Меѓу заклучоците на Владата за превенција и за справување со опасностите, на граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.

Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7...