fbpx

За три месеци 44 судски случаи за навреда и за клевета

-

Околу 50 судски случаи за навреда и клевета мониторирал Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) во периодот од 14 јуни до 15 октомври оваа година. Во извештајот кој беше презентиран на денешната дебата „Навреда и клевета – јамка за слободното изразување“, која се одржа во Клуб на новинари, пишува дека во рок од три месеци биле мониторирани вкупно 44 судски случаи, од кои само два случаи имале правосилни пресуди, што, според ЦРМ, е премалку. Исто така, во извештајот е наведено дека судовите им нудат поголема заштита на државните функционери, отколку на новинарите и на слободата на изразување, што придонесува до автоцензура кај новинарите кои работат во критичките медиуми.

Во извештајот на ЦРМ е заклучено дека, според досегашната практика и анализата на донесените пресуди, има драстична разлика во работењето на судот во случаите кога странки се политичари или државни функционери, наспроти случаите во кои нема нивна инволвираност. Кога во случаите како една од странките се јавува државен функционер, пресудите се донесувале побргу. Во извештајот е посочено и дека судот има двојни аршини за случаите во кои има вмешано државни функционери. Како примери се посочуваат случаите на шефот на тајната полиција Сашо Мијалков против неделникот „Фокус“ и „Топлификација“ против новинарот Роберт Поповски. Според ЦРМ, во случајот Мијалков – „Фокус“, судот неправилно оценил дека за објавување на текстот не постои јавен интерес, како и дека добиените информации се од несериозен извор (поранешен амбасадор на Македонија во Чешка). За разлика од овој случај, истиот судија донел сосема спротивна одлука во случајот „Топлификација“- Поповски.

„Правосилната пресуда во случајот Мијалков – „Фокус“ покажува дека во Македонија постои исклучително негативна и загрижувачка практика, судот наместо да ја штити слободата на изразување, дополнително ја загрозува со тоа што, од една страна ги штити функционерите и власта, а од друга страна ги казнува новинарите, ги доведува критичните медиуми до работ на нивниот опстанок и ги засилува стравот и самоцензурата“, наведено е во извештајот.

Модератор на дебатата беше новинарот Саше Димовски, а панел-изложувачи беа Јадранка Костова, уредник на неделникот „Фокус“, Бранко Героски, уредник на дневниот весник „Слободен печат“ и на порталот „Плусинфо“, Ацо Кабранов, уредник на порталот „Либертас“, новинарот Синиша Станковиќ и Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија.

Поголемиот дел од дискутантите се согласија дека проблемот не е во новиот Закон за навреда и за клевета, туку во двојните аршини и начинот на кој судот го применува законот. Според Героски, пак, новинарските здруженија треба да бараат измени на Законот за граѓанска одговорност за навреда и за клевета, со кои десет пати ќе се намали висината на казните.

– Законот, таков каков што е, се применува крајно селективно и крајно недоследно. Во практиката, кога се определува што е јавен интерес, нашиот суд во случаите кон оние што не им се по волја, на оние кои вршат притисок врз судовите се однесува како прек суд од 1945 година. Наметнувањето остра, драконска казнена политика која е целосно бесмислена и неусогласена со економската состојба, има само една цел – да ги уништи новинарите што не се по волја на власта. Споредбите со странство се глупости. Живееме на конкретен терен, Јадранка Костова има конкретна плата, а ако се применат овие казни таа може да биде само очајна домаќинка – рече Героски.

Селмани на ова кажа дека не е проблемот во казните, затоа што според законот имало можност да нема казни. Тој вели дека проблемот е во тоа кој тужи.

– Ако тужи Никола Груевски, нема да важи ни закон ни ништо друго – кажа Селмани.

Според новинарот Ерден Ахмед, незадоволството од практиката нема да се реши со промена на законот.

– Треба да направиме судска практика со Стразбур, постојано се менуваат закони. Мислам дека овојпат ќе треба да издржиме – посочи Ахмед.

Според Костова, судските пресуди од Стразбур во Македонија немаат ефект. Таа вели дека во Македонија не влијаат ни извештаите од меѓународните организации. Костова додава дека дури и да има пресуда од Стразбур, за неа нема да известат голем број од медиумите, па ни јавниот сервис.

За адвокатот Филип Медарски, најголем проблем е примената на законот, а не самиот закон. Тој вели дека можеби проблем е и самата клима во општеството, како, на пример, апсењето на 14 судии.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Откриен еден од осомничените за тешка кражба на сеф во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник, осомничен за кражба на сеф во Црниче. Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот заедно со уште три лица, провалиле во...