За не подолго од три месеци се очекува Тетово да добие прифатилиште за кучињата скитници, најави градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, запрашан за овој хроничен долгогодишен и сè уште нерешен проблем во Тетово, град во кој кучињата скитници ги има насекаде, а голем е и бројот на напади и каснувања, пишува Порталб.мк.
Според Касами, кучињата скитници се национален проблем, не се проблем само во општина Тетово, и како што рече тој, тие работаат на наоѓање локално решение за овој национален проблем во општина Тетово, но дека тоа оди тешко.
Тој нагласи дека работат на проект за изградба на прифатилиште за кучиња, кое се очекува да биде еден чекор поблиску до конечното решавање на овој проблем.
„Работиме на долгорочно решение, што значи дека во моментот на изградбата на прифатилиштето ќе имаме континуирана можност да се справиме со оваа проблематика“, рече Касами.
Запрашан кога се очекува да се изгради прифатилиштето, тој рече дека во тек се процедурите и дека се очекува прифатилиштето да биде готово за период не подолг од три месеци.
„Сега веќе не се работи само за процедурите кои се однесуваат на општина Тетово, туку и на Државниот инспекторат и Агенцијата за ветеринарство со кои сме во редовна комуникација за условите и прописите за прифатилиштето, и во најкраток можен рок ќе можеме да го основаме“, рече Касами.
Меѓу другото, тој изјави дека се носат кучиња од други територии и општини, во оваа насока тој побара од полицијата да преземе мерки, како и од граѓаните кои кога ќе видат вакви случаи да ги фотографираат и пријават истите.
Од почетокот на годинава до 19 мај во Секторот за внатрешни работи Тетово регистрирани се 45 случаи на каснувања од кучиња скитници. Бројките се високи и за претходните години. На пример, во 2021 година биле пријавени вкупно 66 случаи, додека пак во 2022 година имало вкупно 59 случаи.
Општина Тетово имаше договор со здружението „Амос Пет“ за третирање на кучињата скитници. Но, овој проект заврши и преку него досега се третирани 82 кучиња и истите се отстранети од градот. Од друга страна, според здружението „Амос Пет“ кое до пред некое време се занимаваше со нивното третирање, бројот на кучиња е близу 500. Касами нагласи дека договорот со Амос имал добар ефект, но дека проблемот сè уште не е решен.
Во Тетово во моментов никој не се занимава со кучињата скитници. Ова го потврдија и општинските власти. Решение се гледа во прифатилиштето, а граѓаните бараат оваа прашање да се реши што побрзо.