Извор на фотографија: Општина Свети Николе

Присуството на вирусот во текстилните фабрики во Штип нагло го зголеми бројот на заболени од ковид-19 во Свети Николе. Од оваа помала општина секој ден транзитираат автобуси со работници во штипските текстилни компании, меѓу кои и во две поголеми, каде има регистриран десетина заболени со корона вирусот. Заболени има и во фабрика за прехранбени продукти и во текстилна фабрика во Свети Николе.

Од вчерашниот ден, работниците од компанијата за прехранбени производи во Свети Николе се на двонеделен одмор, со цел да се превенира натамошно ширење на вирусот. Во текстилната фабрика се работи, но со воведени повеќе мерки на заштита, со ограничување на бројот на работници во автобусите, затворена е кујната, а дадени се препораки да нема групирање.

Вчера беа регистрирани нови шест случаи со ковид-19, поради што заседаваше Општинскиот кризен штаб. По состанокот, од Кризниот штаб информираа дека од вкупниот број на заразени граѓани, четири лица се наоѓаат на лекување во Клиничката болница во Штип, а 56 лица се со решенија за изолација. 12 лица од Општина Свети Николе се во државен карантин.

На состанокот е донесена одлука да се интензивираат контролите на превозот на патници кои го користат фирмите за нивните вработени, како и контрола над физичките лица за носење на маски. До сега се констатирани 111 прекршоци по основ на неносење на заштитни маски. Во идните денови ќе се вклучат екипи на ОЈО Свети Николе и МВР Свети Николе со цел да извршат контроли над правните лица за почитување на мерките и препораките за заштита од Ковид-19 – изјави Сашо Велковски, градоначалник на Општина Свети Николе.

Свети Николе долго време беше општина со само неколку случаи на Ковид-19.  Од регистрираните 36 случаи од појавата на пандемијата, активни се 32.

Од Кризниот штаб бараат резултатите од земените тестови за ковид-19 да стигнуваат побрзо. Наместо ден – два, за резултати во Свети Николе се чека и по четири и пет дена, а како што сметаат тие, ова е драгоцено време да се изолираат заболените од околината.