За светла иднина, општеството мора да ги подржи младите кои се соочуваа со проблеми и пред пандемијата

Фото: Принтскрин

Прво треба да видиме што бараат младите, затоа институциите треба да ги сослушаат и да ги подржат младите, кои дејствуваат преку многу младински и граѓански организации. Оваа година најмногу недостигаше дискусија за млади, поголем пристап во политиките, промените, но и да видиме каде се младите во нашето општество и каде треба најмногу да ги подржиме, истакна Стефани Спировска од Младинскиот образовен форум (МОФ) на денешната панел дискусија „Млади, перспективи…“ во организација на Цивил.мк

„Кризата ги извади на површина и стави акцент на сите недостатоци во рамките на животот на младите, како на пример, квалитетот на образование, кој во неколку наврати се покажа дека е кревок и какви се промени треба да следат, но и колку е тешко прилагодувањето на промените“ изјави Спировска, која додаде дека освен овој проблем, се провлекува и доста е висока младинската невработеност за која државата не располага со конкретни статистички податоци.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание, Борјан Ефтимов се надоврза околу проблемите со кои се соочува најголемиот универзитет во државата, при што истакна дека студентите се соочуваа со проблеми и пред пандемијата. Тој ситуацијата ја оцени како генерално лоша, на која ако ѝ се додаде ковид кризата, сликата се влошува.

„Првиот проблем со кој се соочи УКИМ е не само што не е дигитализиран, туку и функционира како средновековен универзитет. Кога почна кризата, универзитетот мораше целосно да ја префрли работата онлајн. Изненадувачки, наставата е на задоволително ниво. Универзитетот импровизирајќи, добро се справи со првиот бран“ смета Ефтимов.

Тој е дециден дека е опаднато нивото на оценувањето при испитните сесии, чии резултати ќе се почувствуваат понатаму бидејќи се нанеле штети врз генерациите. Ефтимов спомена дека наставата се одвива на солидно ниво и со практични вежби, но дека студентите и натаму се соочуваат со проблеми од типот групирање на факултет при уписи, финансики трошоци итн. Претседателот на УСС не гледа како најголемиот универзитет ќе се унапредува понатаму со оглед на наталожените проблеми со кои се соочуваат високообразовните институции.

Ангела Петровска, новинарка од Цивил.мк пак, на дискусијата истакна дека младите се недоволно застапени во медиумите, бидејќи во нив генерално се пишува и известува за политика, освен оние организации кои исклучиво се занимаваат со младински теми и проблеми.

„Единствено кога има промена на некој закон, а што е поврзан со младите, тогаш може да прочитаме нешто во медиумите, но не многу често се среќаваме со теми што ги засегаат младите“ посочи Петровска, која е согласна со Спировска и Ефтимов дека младите имале проблеми и во минатото, пред појавата на пандемијата, а како главен, таа го посочи проблемот со финансиите и невработеноста.

Ермин Климента, веб девелопер во „Елами“ пак, рече дека е многу важно да се потенцира менталното здравје на младите, на кое треба да му се даде поголем акцент бидејќи младите во овој период се под огромен стрес, а тоа ќе се одрази на нивната иднина и генерациите коишто следат.

Панелистите беа согласни дека младите имаа проблеми и пред пандемијата, но за да има подобрување и тие да имаат светла иднина, општеството мора да го слушне нивниот глас и да дејствува со конкретни политики.