Просечната старост на автомобилите во земјава постојано расте, бројот на увезени половни возила во континуитет се зголемува, а за влијанието на транспортот во аерозагадување во градовите често критикуваат еколошките здруженија и граѓанските иницијативи. И покрај сето ова, Министерството за економија за наредната година предвидува да одвои само 13 милиони денари (околу 210.000 евра) за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата.

„Поради големиот интерес со првиот јавен повик кој го објавивме минатата година, а и неможноста оваа година да ја субвенционираме оваа мерка, во 2021 година во Буџетот на Министерството за економија се предвидени 13 милиони денари за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата. Ова е неколкукратно зголемување на финансиската поддршка за оваа мерка ако се земе во предвид дека за 2020 година за субвенции за вградување на плин во возилата беа предвидени само 2,3 милиони денари“, кажа Бектеши на денешното претставување на предлог-граѓанскиот буџет на ова министерство за 2021 година.

Ваквите скромни инвестиции на државата во половните возила се придружени  со фактот што еколошките налепници на возилата, кои беа ветени, до денешен ден не профункционираа. Црвените, жолти и зелени налепници кои требаше да ги класифицираат возилата според степенот на испуштање на издувни гасови во моментов не се функционални, а не функционираат ниту ограничувањата за нивното движење низ градовите.

Инаку, „Вистиномер“ на крајот од минатата година пресмета дека на нашата земја би ѝ биле потребни околу 148 години за да можат сите сопственици на патнички моторни возила да си вградат уред за чисто погонско гориво, доколку државата издвојува по 15 милиони денари годишно за субвенции за промена на погонскиот уред на возилата.

Дека државата несериозно го сфаќа проблемот со половните возила и аерозагадувањето, дополнителен податок е и Глобалниот извештај за влијанието на половните возила врз животната средина „Половни возила и животната средина“ на Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП), каде Северна Македонија зазема „почесно место“ меѓу земјите кои се оквалификувани дека имаат „слаби“ политики за регулирање на увозот на половни возила. 

И покрај тоа што Законот и правилниците предвидуваат во земјава да можат да се увезуваат само возила со најмалку ЕУРО 4 стандарди за испуштање на гасови, на пазарот за автомобили во земјава до денес може без никакви ограничувања да се препродаваат возила со пониски стандарди, кои биле увезени пред 2016 година.