Македонија, како држава која нема финансиски средства да се справи со поплавите и пожарите, мора итно да изработи Национален план за адаптација кој ќе помогне да се организираат и координираат мерки за справување со овие закани и дугите последици од климатските промени, е пораката од граѓанските организации, членки на Националната коалиција за клима. Екологистите, на последната годишна средба, ја нагласија потребата од подобра комуникација и координација меѓу одговорните министерства и институции на национално и локално ниво во вакви случаи и од зајакнување на локалните заедници и локалните граѓански организации како начин да се зајакне и подобри носењето одлуки и спроведувањето мерки на локално ниво.
Граѓанските организации сметаат дека помалку развиените земји мора да добијат поголеми средства за да се соочат со предизвиците во светот засегнат од климатските промени.
„Каде ќе се насочат финансиите во наредните децении во свет со зачестени катастрофални бури, поплави и суши во кој станува се потешко да се живее и работи. КОП 29 заврши со нецелосни и нејасни одлуки и без дискусија околку клучните прашања. Потребно е да се мобилизираат повеќе финансиски средства од развиените земји и да се насочат кон фондот за адаптација за да можат најмалку развиените земји кои трпат најмногу штети и загуби од последиците од климатските промени брзо да се адаптираат и да се намалат овие загуби и штети,“ рече Елена Николовска, програмски координатор за клима во Еко-свест.