Актуелниот распоред на силите во Собранието на Република Македонија по предвремените парламентарни избори, на ниту една партија или коалиција, како и да биде скроена (освен ако влада не формираат сите партии), не ѝ овозможува двотретинско мнозинство во законодавниот дом.

Двотретинското мнозинство, односно 81 од вкупнот број пратеници, е неопходно во носењето на дел од одлуките и на законите во Собранието, како што е, на пример, која било интервенција во Законот за Специјалното јавно обвинителство. Мнозинство од 81 пратеник, исто така, бараат и дел од реформите, нотирани во извештајот на германскиот експерт Рајнхард Прибе.

На предвремените парламентарни избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, коалицијата предводена од СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратенички места.

Во случај ВМРО-ДПМНЕ да направи коалиција со сите албански партии што обезбедија мандати во Собранието, вкупниот број на гласови со кои ќе може да располага во закодавниот дом би бил 71, додека ако СДСМ состави коалиција со сите албански партии во Собранието, би имал мнозинство од 69 пратеници.

Според Уставот, двотретинско мнозинство во Собранието е неоходно за овие одлуки и закони:

  • Одлука за менување на границата на Република Македонија;
  • Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. (Член 65: На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци;
  • Утврдување на одговорност на претседателот на Републиката ( Член 87: Одговорност покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот;
  • Организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија;
  • Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници;
  • Воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници;
  • Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена;
  • Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според Законот за Специјалното јавно обвинителство, односно ставот 3 од членот 1, „овој закон ќе биде на сила пет години од усвојување од страна на Собранието и може да се продолжува за еднаш годишно со одлука донесена со двотретинско мнозинство од пратениците.

Членот 3 од Законот за СЈО вели дека „…Собранието ќе го утврди кандидатот за (специјален, н.з.) јавен обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство и ќе го поднесе до Советот на јавни обвинители“.

Според членот 17, предлогот за престанок на функцијата јавен обвинител што раководи со СЈО го утврдува Собранието на Република Македонија, по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство. Предлогот Собранието потоа го доставува до Советот на јавни обвинители, кој го утврдува престанокот на функцијата. На јавниот обвинител кој раководи со СЈО, функцијата му престанува: по сопствено барање; ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата јавен обвинител; ако е избран или именуван на друга функција; ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење од најмалку шест месеци или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривино дело кое го прави недостоен за вршење на функцијата јавен обвинител.