Со зголемувањето на бројот на автомобили и рапидниот раст на дивите таксисти, македонските граѓани сè поретко патуваат со автобус меѓу градовите. Како што покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, бројот на превезени патници во меѓуградскиот автобуски превоз е двојно намален во изминативе седум години. Во 2012 година, со автобуси меѓу македонските градови биле превезени над 15 милиони патници, додека минатата година оваа бројка паднала на околу 7,7 милиони патници.

Најсилен пад кај бројката на превезени патници е регистриран во 2014 година, кога наеднаш доаѓа до драстично намалување на интересот за користење на овој вид превоз. Паралелно на ова, низ овие години започна и рапидниот увоз на половни автомобили од странство, кои граѓаните ги користат како замена за автобускиот транспорт. Во меѓувреме, на социјалните мрежи, особено на Фејсбук, се појавија и голем број на затворени групи за споделување на превоз со автомобил меѓу градовите. Наместо со автобус, неколку граѓани по речиси иста цена патуваат со еден автомобил до посакуваната дестинација.

Конечно, во сите градови низ земјава постојат диви таксисти, кои им го земаат лебот на превозниците од пред самите автобуски станици. Нудејќи им транспорт на граѓаните по идентична цена, нелегалниот превоз ја намалува бројката на превезени патници во меѓуградскиот автобуски превоз. Како резултат на ова, во земјава се создава магичен круг на проблеми, во кој автотранспортните претпријатија влегуваат со увозот на половни автобуси од странство. Само во првото полугодие од годинава, во земјава се увезени за 9 пати повеќе половни во споредба со нови автобуси и минибуси.

Поевтиниот возен парк на старо ја зголемува просечната возраст на автобусите, која лани порасна на 18,7 години. Паралелно со ова, расте и бројката на сообраќајни несреќи во кои се вклучени автобуси. Одржувањето на линиите со стари автобуси го прави неатрактивен меѓуградскиот превоз, па така бројот на превезени патници продолжува да се намалува. Сите овие негативности ја отсликуваат лошата состојба во која се наоѓа меѓуградскиот автобуски превоз во земјава.