Извештајот на Европската комисија, објавен вчера во Брисел, предизвика различни реакции во домашната јавност и меѓу политичките партии. Документот, кој нотира ограничен напредок во повеќе области и повторува дел од препораките од минатата година, повторно ја отвори дебатата за насоката на земјата во процесот на пристапување кон Европската унија.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека извештајот е „најлошиот во последните десетина години“ и дека претставува „аларм за иднината и перспективата на државата“.
„Објавувањето на Извештајот за напредокот со оцена дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ. Овој извештај е практично најлошиот извештај којшто сме го добиле изминатите десетина години и сериозно го вклучува алармот за иднината и перспективата на државата“, рече Филипче.
Тој оцени дека документот го потврдува „застојот и назадувањето на земјата во процесот на европските интеграции“ и дека потребни се итни чекори за враќање на државата на европскиот пат.
„Се случи тоа што предупредувавме – ВМРО-ДПМНЕ успеа за една ипол година да не стави во групата со Косово, со Босна и Херцеговина, со Молдавија, со Украина, со земји коишто последни го почнаа патот на евроинтеграциите“, додаде тој.
Во одделно соопштение, лидерот на СДСМ потенцираше дека реформите мора да продолжат независно од политичките блокади и дека државата не смее да дозволи застој поради дневнопартиски калкулации.
„Кажавме уште лани дека ја поддржуваме владата да најде добро решение и гаранција дека нема понатаму да имаме блокади. Но тоа е едно прашање. Друго е реформите – тие се одвоен процес и мора да се тераат. А гледаме дека нема ниту еден чекор напред. Нема никакво поместување во тој дел“, рече Филипче нагласувајќи дека е неопходен национален консензус за стратешките приоритети.
Тој додаде дека партијата доставила предлог-резолуција до сите парламентарни партии за да се отвори дијалог, но дека засега нема официјален одговор.
„Тоа е процес што подразбира национален консензус. Мислам дека е редно да седнеме и да видиме како ќе се движиме понатаму. Ова не е момент за калкулации, туку за зрелост“, рече Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека ставовите на Филипче се дел од „бугарско сценарио“ и го обвинија дека ја понижува државата. Во нивното соопштение се наведува дека Македонија ќе продолжела со реформите на европскиот пат, без разлика на „политичките условувања и притисоци“ и дека очекуваат „ваквите и слични извештајчиња да продолжат сè додека не се најде решение со Бугарија“.
„Но и покрај тој негов аспект, извештајот сметаме дека е одличен и нè охрабрува да продолжиме на патот на реформите и го гледаме како патоказ на кој треба да се фокусираме во иднина. Истовремено очекуваме овие теми да се разговараат во иднина, исто така и Филипче како притиснат на дугме да продолжи да крева паники, затоа што човекот едноставно е заложник и киднапиран и ние тука ништо не можеме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Понатаму од владејачката партија се заблагодаруваат за извештајот, велат дека е реален и дека многу од проблемите ги наследиле кога дошле на власт пред една и пол година. Велат, ќе бидеме спремни за членство во ЕУ кога ЕУ ќе биде спремна да нè прими.
„Сметаме дека е реален, има многу работи кои се заостанати и резултат на проблемите кои ги наследивме, но ќе работиме посветено на реформите и неопходните чекори за просперитет и добробит на земјата и нашите граѓани. Наша цел е членство во ЕУ. А ние ќе бидеме спремни за тоа, кога ЕУ ќе биде спремна да не прими“, се вели во соопштението на владејачката партија.
Во однос на Бугарите, тие посочуваат дека имале јасен став и знаеле дека тој став им носи проблеми и недоразбирања, но, како што велат, „тоа е принципиелен став и ние сме подготвени да разговараме за непречен евроинтегративен процес на нашата земја без несвојствени и непринципиелни барања“.
