За само пет дена од учебната година, 53 ученици и 8 наставници се во изолација

ОУ „Гоце Делчев“

Од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници, а во сите училишта каде има позитивни случаи во рамки на наставата со физичко присуство се постапува навремено, информираат од Министерството за образование и наука.

„Шест од вкупно осум наставници не биле во директен контакт со децата, бидејќи предавањата ги држат онлајн. Дополнително, сите наставници и ученици кои се во изолација преминуваат на учење од далечина, со што се обезбедува континуитет на образовниот процес“ соопштија од МОН, потсетувајќи дека паралелно со онлајн наставата, се реализира и емитување на 15 минутни часови на телевизија преку Националната радио телевизија.

Од вчера вечерта во изолација се 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин” во с. Подареш, Општина Радовиш, откако нивен соученик е позитивен на ковид-19, но таму засега нема наставници кои се заболени или во изолација.

Двајца наставници кои работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ и еден ученик се позитивни на вирусот Ковид-19, а 39 деца од истото училиште од вчера се превентивно во изолација. Другите три деца кои се позитивни се индивидуални случаи – едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“, и едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип, и едно во „Кирил и Методиј“ – Кочани. Од центрите за јавно здравје се следат алгоритмите и за нив не се дадени препораки за изолација бидејќи биле почитувани мерките за заштита, појаснуват од МОН.

Изутринава од Општина Центар информираа дека 22 првачиња распоредени во две паралелки од центарското основно училиште Гоце Делчев се во изолација.

„Мајка на едно од првачињата, која е и наставник во училиштето, иако веќе неколку дена имала симптоми на корона вирусот, и не одела на работа, сепак детето го носела на настава. Општина Центар најостро го осудува неодгворното однесување на наставничката и бара од директорката целосно да го испита случајот и соодветно да ја санкционира наставничката“ велат од кабинетот на градоначалникот на општината, Саша Богдановиќ.

Од МОН апелираат до сите наставници максимално сериозно да пристапат кон личната заштита од ковид-19 во следниот период.

Вчера и директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова потенцираше дека доколку се почитуваат протоколите кои веќе им се познати на сите директори на основни и средни училишта, не треба и нема да има загрозени ниту наставници, ниту деца.