Отсега неправдите и прекршувањето на основните човекови права врз ромската популација во Македонија ќе можат да се пријават на веб-платформата „Ромамап“, која денеска ја промовираше Хелсиншкиот комитет за човекови права. Проектот е финансиран од Амбасадата на Германија во Македонија, а во проектот се вклучени и неколку граѓански здруженија, кои работат на проблемите со кои се соочуваат Ромите кај нас.

– Поразителен е фактот што по толку години, Ромите во Македонија се соочуваат со прекршување на нивните фундаментални човекови права – изјави извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, и притоа додаде дека сè уште има случаи каде Ромите не можат да обезбедат матичната евиденција, не можат да ги легализираат своите живеалишта и не уживаат соодветна здравствена сигурност.

Пировска ги обвини надлежните државни институции дека немаат политичка волја да ја подобрат состојбата на Ромите и дека трудот на граѓанските организации е залуден поради неактивноста на надлежните институции.

– За Ромите во Македонија правдата е научна фантастика. Случаи на неправда кон Ромите кои беа медиумски проследени сè уште немаат судска одлука и покрај тоа што тие траат и по неколку години. Таков е случајот со тригодишната Ана од Прилеп, која, наводно, почина од труење со храна, а медицинскиот извештај сè уште не е соопштен. Неправедна е и одлуката на судот што му одреди на лекарот-анестезиолог условна казна, а тој беше одговорен за смртта на 24-годишна родилка – рече Несиме Селиоска од невладината „Рома СОС“.

Зекир Абдулов од невладината организација „Кхам“ од Делчево, која е активна во Источна Македонија, напомена дека за многу кратко време активистите од организацијата забележале 61 случај на неправда кон Ромите.

– Имаме случаи каде се сомневаме дека малолетни Роми се тепани од вработени служители во училиште, нарушено им е здравјето при укажување лекарска помош, како и случаи на забрана за излез од земјата, што претставува ограничување на нивното движење – истакна Абдулов.

Според Љатифа Шиковска, која е граѓански активист за правата на Ромите, во Македонија има голем број Роми без лична документација иако официјалните информации прикажуваат дека има од 500 до 700 вакви случаи.

– Постапката на матично регистрирање и на вадење лични документи за идентификација е толку бавна што имаме два случаи во кои деца починале пред да бидат регистрирани во матичната книга на родени – истакна Шиковска.

На крајот на презентацијата на платформата „Ромамап“, активистка од едно граѓанско здружение се пожали зашто во текот на целата презентација не можеше да се обрати на мајчиниот ромски јазик и што платформата не е достапна на ромски јазик.