За првпат во своето постоење, Фејсбук забележа пад на бројот на активни корисници

фото: Roman Martyniuk на Unsplash

Социјалната мрежа Фејсбук забележа пад на дневните активни корисници, што се случува за првпат во нејзиното 18-годишно постоење, јавува „Би-би-си“.

Матичната компанија „Мета“ (Meta Platforms) вели дека бројот на дневни активни корисници паднал на 1,929 милијарди во последното тримесечје од 2021 година, за разлика од 1,930 милијарди во претходниот квартал.

Компанијата предупреди на забавен раст на приходите наспроти своите конкуренти како ТикТок и Јутјуб, но и дека огласувачите исто така ги намалуваат средствата што ги трошат на оваа социјална мрежа.

Акциите на „Мета“ паднале за повеќе од 20 отсто, што „избришало“ околу 200 милијарди долари од вкупната вредност на компанијата на берзата.

Извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, вели дека растот на продажбата бил повреден бидејќи публиката, а особено помладите корисници, заминувале кај ривалите.

Тој додава оти е убеден дека инвестициите во виртуелната реалност на крај ќе се исплатат, но и признава дека неговата компанија никогаш немала толку голем конкурент како ТикТок.