За првпат во историјата, во Европа електричните автомобили повеќе продавани од дизелашите

Фото: (Joenomias) Menno de Jong на Pixabay

Во Европа во текот на декември 2021 година се продадени повеќе електрични автомобили во споредба со дизелашите, пишува Фајненшел Тајмс. Станува збор за историски резултат, којшто е силно поддржан од субвенции од владите и законските ограничувања за возилата што испуштаат штетни материи во воздухот.

Повеќе од една петтина од продадените автомобили во 18 европски земји, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, биле со батерии, додека помалку од 19 отсто од купувачите на крајот од минатата година се одлучиле да набават дизел автомобил.

Притоа, во категоријата продадени дизел автомобили се вклучени и хибридните дизелаши, додека во категоријата електрични автомобили не се вкалкулирани хибридните возила.

Драстичната промена на возниот парк што го купуваат европските граѓани, Фајненшел Тајмс тврди дека се должи на државните субвенции во Германија, но и во другите развиени земји за стимулација на граѓаните да купуваат автомобили коишто воопшто не го загадуваат воздухот. Од друга страна, строгите регулативи на ЕУ од 2020 година ги принудуваат произведувачите на возила да продаваат автомобили што имаат ниски емисии на штетни честички.

Заедно со зголемениот интерес за набавка на електрични автомобили, Ројтерс јавува дека веќе втора година по ред во Европа се бележи намалување на бројот на новорегистрирани возила. Во 2021 година е забележано намалување од 1,5 отсто кај бројот на нови возила што добиле регистарски таблички во некоја од европските земји, што е рекордно намалување по она регистрирано во 2020 година.