За првпат успешно слета прототип на „Старшип“ – ракетата што треба да превезува луѓе на Марс и на Месечината

Старшип СпејсЕкс
Прво успешно слетување на „Старшип“ / фото: Принтскрин од видео на SpaceX

Компанијата „СпејсЕкс“ за првпат успешно лансираше и приземји прототип на ракетата „Старшип“ на голема надморска височина, надминувајќи го клучниот предизвик во потрагата на Илон Маск по изградба на ракета наменета за лет до Марс што ќе може да се користи повеќекратно, пишува The Verge.

Маск соопшти дека рактетата содржи стотици подобрувања во дизајнот во однос на претходните прототипови, кои најчесто експлодираа при обидите за слетување.

Ракетата „Starship SN15“ полета во средата од објектите на “СпејсЕкс“ во Тексас, САД и се крена на висина од над 10 километри за да тестира маневри во текот на летот. Кога ја достигнала максималната надморска височина, дел од нејзините мотори постепено се исклучиле за да започне хоризонталното паѓање кон земјата. Приближувајќи се кон копното, два од моторите повторно се активирале за да извршат маневар на слетување, при што ракетата се поставила вертикално. Ракетата успешно слетала недалеку од местото на лансирањето и со тоа стана првиот преживеан прототип на „Старшип“.

Сите четири претходни прототип-ракети експлодираа при обидите за слетување или непосредно пред слетувањето. И овојпат настанал мал пожар во долниот дел на ракетата после приземјувањето, но од компанијата рекле дека тоа „не е невообичаено“.

„Старшип“ системот на „СпејсЕкс“ е предвидено да испраќа луѓе и до 100 тони товар на Месечината и на Марс.

Успешното слетување од страна на „СпејсЕкс“ следува откако НАСА минатиот месец на вселенската компанија ѝ додели 2,9 милијарди долари за да ја користи нивната ракета „Старшип“ при првите две мисии на Месечината планирани за во 2024 година.  До тогаш ќе биде потребно да се извршат уште неколку подобрувања на „Старшип“.

Одлуката за мисиите на Месечината да се користи ракетата на „СпејсЕкс“ шокираше многумина во вселенската индустрија кои очекуваа изборот да падне на други модели на ракети. Против одлуката протестирале другите компании кои беа во трка за избор на нивните ракети, кои ја обвинија Националната аеронаутичко-вселенска управа дека неправедно ја фаворизира компанијата на Илон Маск.