За првпат од 1987 година продадени се повеќе грамофонски плочи од цедеа

Над 41 милион грамофонски плочи биле продадени во 2022 година во САД, во вкупен износ од 1,2 милијарди долари. Во истиот период биле продадени 33 милиони цедеа во износ од 483 милиони долари

фото: Rita Seneca на Unsplash

Продажбата на грамофонски плочи, односно винили минатата година ја надмина продажбата на цедеа во САД за првпат од 1987 година, пренесе Би-би-си, повикувајќи се на нов извештај.

Над 41 милион грамофонски плочи биле продадени во 2022 година, во вкупен износ од 1,2 милијарди долари. Во истиот период биле продадени 33 милиони цедеа во износ од 483 милиони долари.

Приходите од снимена музика во САД продолжија да растат седма година по ред и достигнаа рекордно ниво од 15,9 милијарди долари, покажува извештајот објавен од Асоцијацијата на индустријата за снимање на Америка.

Зголемените приходи биле поттикнати главно од стриминг услугите, но и од продажбата на физички музички формати. Приходите од физичката музика се зголемиле за 4 отсто, во голема мера поттикнати и од винилите кои забележале пораст од 17 отсто. Во меѓувреме, приходите од цедеата паднале за 18 проценти.

Физичките копии на музиката и понатаму работат подобро од дигиталните преземања, покажал извештајот.

Претседателот на американската Асоцијација на индустријата за снимање, Мич Глејзи, рече дека продажбата на грамофонски плочи покажала оти винилот „ја зацементирал својата улога како додаток на модерниот музички пазар“.