За првпат македонска претставничка освои бодови на Светскиот куп во скијачки спортови

фото: Скијачка федерација на Македонија (СФМ)

Македонската претставничка Ана Цветановска освои бодови на Светскиот куп во скијање што на 17 и 18 декември се одржа во Давос, Швајцарија, соопштија од Скијачката федерација на Македонија (СФМ). Според СФМ, ова е прв пат наша претставничка да освои бодови на еден Светски куп во скијање.

Младата скијачка Цветановска при натпреварувањето во две дисциплини освоила 18 бодови, со што ја издигнала земјата на 22 место на светската ранг листа. Покрај Цветановска, на Светскиот куп учество земал уште еден македонски претставник, Ставре Јада.

„Презадоволни сме од освоените бодови во Давос. Целта за оваа сезона ја остваривме уште на самиот почеток во август, кога Ана и Ставре ги постигнаа најдобрите ФИС бодови во историјата на македонското нордиско скијање. А сега, ги освоивме и првите бодови во рамки на Светскиот куп. Во моментов можеме без оптоварување да влеземе во вториот дел од зимската сезона, но извесно е дека очекуваме нови успеси на големите натпреварувања“, изјави тренерот Борче Јовановски.

Првото место на Светскиот куп во Швајцарија го освои Надин Федрих од Швајцарија, второто американката Џеси Дигинс, додека третото место ѝ припадна на Јохана Хангстром од Шведска.

Македонската репрезентација во февруари следната година ја очекува и учество на Светското првенство во Планица, Словенија.